Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола утрово започна дистрибуцијата на избирачките ливчиња за претстојните локални избори в недела.
Членови на Државната изборна комисија го презедоа материјалот, кој се насочува кон општинските изборни комисии низ државата. Претставниците на ДИК поделени во единаесет групи ги доставуваат избирачките ливчиња до општинските изборни комисии. Истовремено до ОИК се доставува и останатиот доверлив материјал.
Општинските изборни комисии треба до утре, најдоцна до сабота, да го достават доверливиот материјал до избирачките одбори.
ДИК треба да дистрибуира преку четири милиони ливчиња имајќи предвид дека во десет општини граѓаните ќе треба да се изјаснат за кандидатите дури на четири ливчиња.
За скопските општини ќе има по четири ливчиња бидејќи граѓаните гласаат за градоначалник на градот, за градоначалник на општината, како и за советници на градот и за општински советници. За другите општини ќе има по две избирачки ливчиња.
Граѓаните ќе избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. На 2.976 гласачки места за 350 кандидати за градоначалници и за 480 листи за советници својот глас треба да го дадат 1.743.403 граѓани.