Во заедничка изјава во името на САД, Германија, Италија, Велика Британија, Франција и ЕУ, амбасадорите денеска соопштија дека од ВМРО-ДПМНЕ бараат да не ги одложуваат неопходните реформи за излез од кризата, бидејќи како што рече амбасадорот на Велија Британија, Чарлс Гарет сите влади имаат особена одговорност при политичка криза.
– Во петокот се сретнавме со Груевски и ја изразивме нашата разочараност што не се почитуваа роковите до 20.октовмри од Договорот во Пржино за новите министри. Апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да ја покаже потребната посветеност и да го имплементира договорот на конструктивен и неопходен начин и со добра волја. Верувамe дека тоа е најдобриот излез од политичката криза. Од Груевски бараме да го охрабри својот тим за да се финализира Договорот за нерешените прашањa, рече Герет, напоменувајќи дека тие се потребни за изборите кои ќе треба да бидат признаени од релевантните фактори дома и надвор, во април следната година.
Тој побара од СДСМ да ја испочитува својата улога за конструктивни преговори и да не се објавуваат нови содржини од т.н. политички „бомби“.
Амбасадорите истовремено побараа на специјалната обвинителка Катица Јанева да и се овозможат сите неопходни средства за да ги испита индикациите од нелегално прислушуваните материјали, бидејќи за нејзината функција сите политички партии биле согласни.
Тие рекоа дека сите партии мора да ги стават на страна своите партиски интереси за доброто на државата, за земјата да се придвижи на својот евроатлантски пат. Дипломатскиот кор предупреди дека доколку не се испочитува договорот, тоа сериозно ќе влијае на проценките на Европската комисија за Македонија.
-Доколку договорот не биде имплементиран тоа ќе се одрзаи во извештајот на ЕК . Владите, особено нивниот врв, имаат особена одговорност за време на политички кризи. Доколку делуваат веднаш и вистински покажат преку дејствувањето дека имаат волја, меѓународната заедница е подготвена да помогне, рече понатаму Гарет во името на САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и ЕУ.
Амбасадорите одбија да одговорат на новинарски прашања.