Која е цената на здравјето на жените од Шуто Оризари кои со години немаат матичен гинеколог?
Жените Ромки преку перформанс пред Министерството за здравство прашаа: „Уште колку мајки и новородени деца треба да го изгубат животот, за институциите да ги слушнат нивните барања и да го заштитат нивното здравје“?
„Понудените решенија од страна на Министерството за здравство во изминатите две години се покажаа неефективни. Гинеколозите од Чаир за кои е предвидено да доаѓаат еднаш во неделата, воопшто не доаѓаат ниту еден ден во неделата.
Но, и доколку се таму, жените не можат да направат ПАП тестови, не може да им се препише лек на рецепт, не може да добијат упат за лабораторски испитувања, ниту да им дадат упат за болничко лекување или породување, тие не се матични гинеколози“, рече Салија Бекир Салими.
Откако ги прочитаа своите барања жените Ромки влегоа во Министерството за здравство и ги доставија до министерот Никола Тодоров. Министерот ги прими и им ветил дека со стимулација од 15 000 денари ќе се обиде најде гинеколог кој би доаѓал во амбулантата.
Жените не се сигурни дека ваквата мерка ќе биде доволна стимулативна за да го привлече вниманието на некој гинеколог.
„По двегодишна битка за изнаоѓање на решение и отворање на ординација на матичен гинеколог кој во целост ќе може да одговори на барањата на заедницата, можеме да кажеме дека некои од овие мерки досега не покажаа соодветен резултат. Сепак, ветувањата на министерот Тодоров, особено финансиска стимулација на гинекологот ги сметаме за чекор напред во разрешувањето на проблемот. Во следниот период, внимателно ќе продолжиме да ја следиме состојбата и интензитетот на остварување на мерките на кои министерот Тодоров се обврза.“ велат тие.
На крајот од целата приказна, перформанс го заокружија тројца униформирани полицајци, кои се појавија одненадеж, не кажаа кој ги повикал, но прашаа што бараат жените пред Министерството и побараа да се легитимираат. Навистина, која е цената на здравјето на жените од Шуто Оризари?