Родилката од Гевгелија, 32 годишната Маја и нејзиното бебе починале од задушување бидејќи долго време биле држени без кислород, неофицијално дознава НОВА од извори во Институтот за Судска медицина. Сето тоа за стручњаците укажува дека грешката е направена од анестезиолозите, на почетокот на операцијата кога бил ставен тубусот и анестезијата на родилката.
„Долго време била држена во хипоксија, односно без кислород, така починало и бебето“, велат нашите извори.
Наодот од обдукцијата е завршен и пратен до Јавниот обвинител. Останува дали и против кого се обвинителството ќе покрене обвинение.
Министерството за здравство се уште нема официјално соопштение што констатирала Комисијата која беше испратена на лице место, за како што рекоа, да констатира дали се било направено според протокол.
Со ова се потврди она што го кажа во својот исказ сопругот на почнатата родилка, Мите Кадиев кој раскажа што видел и слушнал додека чекал да заврши царскиот рез.
Дополнително, анализата на примероците на крв извршена од страна на Министерството за внатрешни работи покажаа дека анестезиолизите биле пијани за време на оперативниот зафат, кај едниот биле најдени 1,23 промили алкохол, а кај другиот 1,75 промили алкохол во крвта. Иронијата да биде поголема, стручњаците се прашуваат кој е тој протокол што го бара Министерството што дозволува пијани лекари да вршат оперативни зафати.
Родилката Маја Кадиева и нејзиното неродено бебе починаа пред две недели во гевгелиската болница за време на царски рез кој бил договорен за вечерните часови и траел долго во ноќта. За експертите отвора сомнеж зошто царскиот рез била закажан во период кога не се прават операции.
Во меѓувреме двајцата анестезиолози добија отказ од работа а Министертвото и предложи на Лекарската комора времено да им ги одземе лиценците за работа, додека да завршат истрага и судскиот процес. Директорот на болницата Сретко Јованов беше дециден дека лекарите не биле пијани и тоа го видел со свои очи бидејќи повикан да присуствува на операцијата. Тој се уште седи во директорската фотеља и дава изјави за медиумите.