Министерот Неждет Мустафа и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу го обвинија пратеникот Амди Бајрам за организација на напад на нивни функционери во Шуто Оризари.
Шефот на изборниот штаб на коалицијата на партиите на Мустафа и Салиу, со тешки повреди е задржан во Клиничкиот центар, а уште две лица, меѓу кои носителот на листата, се здобиле со полесни повреди, јавува Алфа телевизија.
Пратеникот Амди Бајрам, во телефонски разговор за Алфа, негирал дека тој или негови активисти се одговорни за тепањето.
Партијата на Амди Бајрам како и партиите на Мустафа и Салиу се дел од владеачката коалиција „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Според извештајот на МВР, тепањето се случило во близина на истражниот затвор Шуто Оризари. Додека оштетените се движеле со автомобил, неколку непознати лица им го блокирале движењето со друго моторно возило и веднаш им се нафриле на жртвите со шипки и тупаници.