Која е причината за смртта на Далибор Ѓорѓевски кој почина на 3 септември во затворот Идризово. Неговото семејство се сомнева дека бил тепан бидејќи на телото имало модрици и траги од давење.
„Не знам од кого што, тука на вратот беше тепан, тука давен и тука тепан. Постојано плачеше викаше мајко јас ќе умрам, не ми кажуваше од што, си го донесе во гроб“ раскажува Панда Ѓорѓиева, мајка на починатиот Далибор.
За нив е мистерија што се случувало три дена пред да почине, кога на неговата мајка не и било дозволено да го посети, но и самиот тврдел дека има проблеми.
„Во саботата не ме пуштија сум задоцнила, не ми дозволија да го видам. Далибор ми се јави ми рече биди тука да го прашам чуварот дали ќе те пуштат да влезеш. Не ме пуштија, чуварот ми рече да си одам или ќе ме тепа. Ми се јави Далибор, ми вика мајко оди си! Јас си отидов и во понеделникот дојдов повторно и пак не ме пуштија, сите работи останаа, само синот да беше жив“, се присетува на тие моменти Панда.
Во официјалниот документ од затворот кој го добиле дури сега, три месеци по смртта стои дека починал од мешана интоксикација, односно од труење со разни лекови. Нема објаснување од што се модриците по телото, дали бил тепан и од кого.
„Во разговор со затворениците ми беше речено дека бил тепан, дека требало да даде пари“, вели Панда.
И неговата сестра Васка раскажува како три дена пред да почине на телефон и се жалел дека има проблеми. Не кажал за што се работи.
Се сомневаме дека е тепан, дека е малтретиран, имаме слики, пред да почине се слушнавме на телефон, ми кажа дека има проблеми. Од фотографиите се гледа дека е целиот со модрици, сакаме правдата да излезе на виделина правдата“, изјави Васка Ѓорѓиовска Мемет.
Далибор во затворот помина четири и пол месеци. Беше осуден на пет години затворска казна за педофилија, со обвинение дека покажувал порнографски фотографии и извршил полов напад на малолетничка.
Неговото семејство смета дека случајот е наместен. Но, она што сакаат да го дознаат е од што починал 25 годишниот Далибор, дали и кој го тепал во затворот Идризово.
Повеќе за ова гледајте во емисијата ПРОЦЕС во недела во 16 часот.