Еден по еден лекарите, од кои повеќето се директори на болниците денеска ја потпишаа повелбата со која Министерството за здравство, Лекарската комора и Македонското лекарско друштво се договорија да го заштитат интегритетот и дигнитетот на лекарската фела. Со тоа овие три институции се обврзаа дека ќе работат на заштита на докторската дејност.
„Лекарската комора ги иницираше измените на Законот за здравствена заштита, а министерот ја прифати нашата инцијатива каде со новите измени насилството врз лекарите е уреден како кривично дело, а ако при нападот му е нанесена тешка телесна повреда на лекарот тогаш следува затворска казна од една до 10 години“, изјави Кочо Чакаларовски претседател на Лекарската комора.
Прв од лекарите после министерот и двајцата претседатели на лекарските асоцијации, повелбата ја потпиша Виктор Камиловски, потоа се редеа директорите на скопските клиники, Фондот за здравство, здравствените домови и болниците низ државата. Немаше ниту еден од хирурзите на скопските клиники, кој не е на функција.
„Згрозени сме од нападот што се случи врз нашиот колега кој ми е личен пријател и добро го познавам, ние во МЛД не само што бараме овој Закон да биде донесен што побргу, туку и да биде објавен јавно за да го види пошироката народна маса и да знае дека лекарите кои се чувари на нашето и вашето здравје се заштитени“, изјави Горан Димитров претседател на македонското лекарско друштво.
Министерот за здравство ја прочита повелбата која беше потпишана денеска.
„Ние потписниците на повелбата и сите кои ја потпишаа, се обврзуваме дека ќе работиме на унапредување на лекарската професија и независно вршење на докторската дејност, постојано унапредување на докторските услуги во интерес на здравјето на пациентите, одржување и унапредување на односот меѓу лекарот и пациентот и неговото семејство, взаено почитување на правата на пациентите и правата на докторите“, рече министерот Тодоров.
Настанот се случува еден ден откако на Клиниката за абдоменална се случи инцидентот во кој на хирургот Љубомир Огненовиќ беше пукано со огнено оружје од страна на семејството на почината пациентка. Ваквата повелба хирурзите ја оценуваат како комплетно задоцнета и срамна, бидејќи како што велат досега не се направило ништо за нивна заштита.