автор: Зоран Ќука
Веќе видено!
Веќе 9 ипол години, премиерот Никола Груевски прима извештаи од Европската Унија. Последните се секој полош од претходниот. Очигледно живците попуштаат и овој последниов го нарече “политички за интересите на Унијата”. И, бидејќи овој извештај од политичката ЕУ не му се допаѓа си порача он свој, од народот.
Но, на народ се повикуваа и Садам Хусеин, и Моамер ел Гадафи, и многумина крајно лево или крајно десно забегани, па неславно истиот тој повикуван народ на многумина им пресуди. Кога му дојде преку глава. А кога народот решава во таква состојба страв да те фати.
„Чуден јунак се зададе“
Премиерот, како што тврди неговиот медиумски „началник“ под притисок на „големи сили“ се согласи за договорот од Пржино. Потоа, тој, истиот Никола Груевски, наводно бил натеран да го применува Пржино. Се обиде и првично да го денфува, да го престави како успех додека неговите кисело плукаат по сите страни.
Но никој од нив “патриотски” не си го поставува прашањето – зошто лидерот, на кого песни му пеат дека бил пратен од бога да ја спаси Македонија од душманите, им подлегнува на притисоците. Та нели е јунак невиден што пушка не го бие и сабја не го сече? Еми што мака има на „душманите“ да им попушта, малу по малу, и зошто не ги отера сите сиктер преку Брисел и Вашингтон? Дал кубурот за не дај боже го чува или патрони му снемале? Или пак, со валкан образ во бој не трга?
Прислушувано па сечено, лепено, или монтирано, како и да е, многу задници бснаа на виделина, а знаме што се вели за оние со полу смкнати гаќи. Нејсе, не е прв пат Премиерот да бил „натеран“ на нешто. Се сеќавате на Мајскиот Договор со Али Ахмети од почетокот на нивната коалција нели? Е па и тогаш јунакот се обиде овој договор да го скрие од јавноста.
Удри остро и без врска
ЕУ демек, била пристрасна и необјективна, и работела во корист на СДСМ и Сорос. Во напливот на одбраната од надворешните непријатели се отиде до таму да се тврди дека „капиталистичките душмани“ ја подржуваат „клетата предавничка опозиција“ а таа пак олицетворена во “комунистичката” СДСМ контролирала 70 насто од медиумите во Македонија. Еј гиди, многу валканици Вардар пере па и ова ќе го измие. Прашањето е кого мислат овие телали дека лажат? Во суштина, ним изгледа само им е кажано што да прават. Од центарот де. Оние од СДСМ не ги бива таква глупост да смислат. Им недостасува креативност. А и онака, немаат потреба, бидејќи, што би рекол бриселскиот дописник, СДСМ контролираат 70 проценти од медиумите во Македонија. Уф, да не пукне, ме насмеа 🙂
Иако, не е за смеење работава. Да не испадне на крај – Тој само навидум беше сам против сите. а народот и државата да бидат колатерала во неговиот обид за само спасување.