Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов изјави дека е во тек формирањето на комисијата која треба да ги утврди фактите за настаните и случувањата на 24 декември, но дека тоа е на ниво на партии, кои, како што рече, се усогласуваат и веќе ги дале своите кандидати.
– Сега е на ниво на генерални секретари кои се обидуваат да најдат согласност за претседателот на Комисијата бидејќи тој треба да биде избран од двете партии заедно, така што тие се во постојана комуникација, имаат средби, консултации и веројатно ќе се изнајде решение, ќе имаме еден кандидат за претседател кој ќе ја води Комисијата, рече шефот на државата.
Претседателот Иванов во Дојран присуствуваше на нуркачката акција за чистење на водите на Дојранското езеро што се организира по повод Светскиот ден на водите.
Тој од таму порача дека очекува локалните избори да поминат во најдобар ред и апелира сите учесници да придонесат тие да бидат фер и демократски.