33 проценти од македонските граѓани веруваат дека специјалниот обвинител назначен да ги истражи сомнежните произлезени од скандалот со прислушувањето ќе спроведи независна истрага без опструкии, додека 28 проценти не веруваат во тоа, се вели во анкетата објавена вчера којашто ја спроведе агенцијата „Брима“ во соработка со Центарот за анкетни истражувања на ИРИ.
Анкетата се фокусира на проблемите и предизвицирте поврзани со Договорот од Пржино, а во центарот на овие случувања како можно решение за дел од проблемите е специјалната обвинителка Катица Јанева.
Но, која е оваа жена?
Децении на лидерство лишено од одговорност
Телевизорот е ретко вклучен за време на ударните вечерни телевизиски вести во домот на семејството Матевски. Така е веќе една деценија. Но, сега е поинаку.
„Последен пат вести гледав за време на војната во 2001 година, вели 55-годишниот Илија Матевски кој живее во населбата Аеродром во Скопје.
Пред десетина дена кога тимот на НОВА ги посети Матовски, беше токму петочна вечер. Телевизорот беше вклучен на ТВ „Телма“, а одеа снимки од заклетвата на тимот на новото специјално обвинителство предводено до обвинителката Катица Јанева. Таа и тимот од претежно млади луѓе имаат задача да ги истражат сомнежите за кривични дела кои произлегоа од скандалот со прислушувањто обелоденет од страна на опозицијата – скандалот кој на почетекот на годинава силно ја потпали и онака кризната состојба во македонското општество.
Сопругата на Матовски, госпоѓата Милка, со нескриен восхит зборува за тоа колку е радосна што „жена ги презела работите во свои раце“.
„Време беше, доста беше од мажи“, вели таа.
Исто како нејзиниот сопруг и Милка е поранешен стечаец. Ја загубила својата работа во една од стоковните куќи во Скопје кон крајот на 90-тите.
„Ние преживуваме, додека мала група луѓе од мали моќни кругови постојано се богатат“, вели таа. Двете нивни деца сега се во Германија, последното, помалото, замина еден ден пред нашата средба. Таму работат , едниот како лекар, а другиот син како електричар.
„Животот овде им е ветен само на децата на моќните и крадците“, вели Милка.
По многу години апатила, таа и Илија повторно покажуваат интерес за политиката.
„Бомбите“ на Заев си го направиле своето, а сега и целите случувања околу договорот и истрагите кои треба да ги води специјалната обвинителка.
„Не можам да речам дека сум голем оптимист, дека гледам светло во тунелот, но барем сега постои надеж дека правдата ќе биде задоволена“, вели Илија.
„Ете, сешто се зборува за неа, но сакам да мислам дека ќе си ја заврши својата работа и дека барем некои луѓе ќе платат за она што му е направено на народот со години и години“, вели Илија.
Корупција: Очи широко затворени
Матевски не се единствените кои изгубиле надеж низ годините. Јавната доверба во судовите, обвинителството и телата за борба против корупцијата постојано опаѓа. Македонија е една од ретките држави во Европа каде што топ-фунционерите не биле гонети за сериозен криминал ниту пак одлежале затвор низ годините. Единствено Владо Бучковски, екс-премиер, беше суден и осуден во контроверзна постапка за „Армиско оружје“, но тој е, сепак, на слобода. Големите корупциски афери во кои што низ годините беа вмешани многу премиери и министри никогаш не стигнаа во судовите.
Од друга страна, според последниот извештај на организацијата „Глобал Интегриту“ со седиште во Вашингтон којашто ги следи нелегалните одливи на пари во земјите во развој, од Македонија биле изнесени 5,3 милијарди американски долари од 2003 до 2012 година. Од нив, речиси по една милијарда поеднично биле испрани во 2008 и 2011.
Во изминатите две децении јавните обвинители во Македонија јавноста ги гледаше како пиони на владејачките партии – позиционирани да им служат и да ги штитат моќните наместо да ги донесат виновните пред лицето на правдата.
Првата избрана македонска влада избрана во раните деведесетти предводена од Бранко Црвенковски и СДСМ беше обвинувана за криминална приватизација на претпијатијата во јавна сопственост . Постоеја силни индиции дека јавните компании беа обезвреднувани и потоа пренесени во рацете на луѓе блиски до центрите на моќ благодарение токму на спрегите помеѓу судскиот систем и моќните политички и бизнис фигури во општеството.
Патронскиот систем на владеење во државата продолжи и со следните влади. Актуелната влада предводена од ВМРО ДПМНЕ е речиси 9 години на власт, најдолгото владеење на една политичка партија во историјата на независноста на земјава. Нивниот политички маратон е поврзан со многу обвинувања за злоупотреби на моќта од страна на мал круг на луѓе поврзани со премиерот Никола Груевски.
На корупцијата денеска се гледа како на еден од клучните проблеми во државата. Во својот последен извештај Европската комисија вели дека речиси и нема случаи на гонење на високи и топ фунцкионери за корупција и криминал – сето тоа придружено со судски систем во кој јавноста нема доверба дека може да си ја заврши работата.
Така што, кога лидерот на опозиција Зоран Заев започна со објавување на снимки од прислушувани разговори помеѓу топ функционери во власта, скандалот ги зајакна општоприфатените верувања за корумпираноста на судскиот систем.
Снимените разговори имплицираа вмешаност во незаконити дејствија не само на премиерот Никола Груевски и неговиот кабинет, туку и на судии, обвинители и други високи функционери од судскиот систем.
Соочени со масовни протести, како и обвинувања за нелегално прислишување на повеќе од 20,000 македонски граѓани, ова лето владејачката партија потпиша договор со опозицијата чие што спроведување треба да гарантира излез од длабоката политичка криза која ја зафати Македонија.
Договорот чии гаранти се Европската унија и САД беше потпишан на 2 јуни годинава, а во рамки на истиот беше утврдено основање на специјално обвинителство чија што задача ќе биде да ги истражи сомнежите за криминал, корупција и злоупотреба на моќ кои произлегоа од скандалот со прислушувањето.
Ова прашање изгледа многу важно ако се земе во предвид дека десетици илјади граѓани веќе маршираа по улиците низ Скопје за да ја изразат својата недоверба во државните институции.
Која е жената исправена пред тешката задача
Во земја во која клиентализмот е длабоко вкоренет, задачите за неа, но и очекувањата од специјалната обвинителка се високи.
Луѓето зборуваа за неа за начинот на којшто се облекува, но мене не ми е гајле се додека си ја врши работата, вели нашиот соговорник Илија. И тој, како и мнозинството Македонци досега немал слушнато за неа.
Позицијата јавен обвинител не е баш најпосакуваното работно место во Македонија.
Во меморијата на новинарите се уште е врежана деценија старата изјава на поранешниот јавен обвинител Александар Прчевски кој во една прилика во момент на бес и фрустрација рече „Јас сум последната будала што ја прифатил оваа работа“.
Јанева, пак, како што самата рече во своето прво интервју, за оваа работа се пријавила самата и го понудила своите име на политичките партии како можна опција за иден специјален обвинител.
Тоа интервју на телевизијата 24 вести направено набрзо по веста дека токму таа ја доби работата која многумина не ја посакуваат, беше едно од најгледаните, најцитираните и најкоментираните во месецот. Јавноста прв пат ја виде Катица Јанева. Одеднаш се во врска со неа стана вест – нејзината облека, нејзината шминка, музиката која што ја споделува на социјалните мрежи, филмовите и книгите кои ги чита.
Од друга страна нејзиниот професионал бекграунд се чини незначаен:провинциски случаи, ништо спектакуларно. Во 2003 е избрана за помошник јавен обвинител, а за шеф на јавното обвинителство во Гевгелија е избрана во 2009.
Се чини дека нејзините облека и нејзиниот вкус за музика и сапунски опери беше најголемата контроверза којашто ги окупираше медиумите штом нејзиното име се појави како заеднички избор на 4-те македонски политички партии за специјален јавен обвинител.
Различни мислења за нејзината подготвеност
Во изјавите за медиумите Јанева делува самоуверено: некои политичари дули велат дека странски експерти ја подготвуваат за комуникација со јавноста.
Колегите кои ја познаваат од Гевгелија велат дека таа била професионалец без изразен интерес за политичкиот и јавен живот.
Но, недостаток на искуство на Јанева во полето на организираниот криминал и корупција го прават нејзиниот избор изненадувачки. Таа досега работела на случаи кои воглавно подразбираат казни не поголеми од пет години затвор, како сообраќајни несреќи, трговија со наркотици, проституција, но не и случаи на висока корупција и криминал.
„Мислам дека таа нема идја во што се впуштила“, вели судија којшто сакаше да остане анонимен и кој изрази сериозен сомнеж за тоа дали Јанева ќе ја преживее функцијата.
Една работа е сигурна: потребно е многу повеќе од само храброст да се понудиш да ги истражуваш моќниците во место какво што е Македонија.
Универзитетскиот професор Денко Малески вели „не сум сигурен дали е само храбра или, пак, е наивна и нема поим што ја чека“.
„Титулата „железна дама“ треба да се заслужи, а тоа ќе зависи од резултатите од истрагите“, вели тој.
Малески верува дека што и да се случи, работата на Јанева ќе биде лекција за сите кои во моментов набљудуваат.
„Не сум сигурен дека таа може да се справи со ова самата. Ќе и треба огромна поддршка од меѓународната заедница и многу помош од самите граѓани. Притисокот е огромен“, додава тој.
Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспарентност Интернешнл“ е песимист во однос на тоа дали Јанева ќе успее да ја заслужи почитта од јавноста.
„Има толку многу пречки во оваа работа. Не ја познавам Јанева лично, но ќе треба многу повеќе од храброст и упорност за да се постигнат добри резултати. Би сакала да се надевам дека таа ќе може да се справи со сите предизвици“, вели Тасева.
Таа додава дека Законот за Специјалното обвинителство содржи многу недоследности коишто ќе и ја отежнат работата на Јанева.
„Периодот од 18 месеци за истрагите е краток период за вакви големи случаи. Ако не успее да ги речи, овие случаи ќе заминат во историјата и не ќе можат повторно да се отворат“, објаснува Тасева. Згора на се, Тасева е загрижена дека дел од институциите нема да соработуваат.
„Дури и ако таа покрене обвиненија против некого за организиран кримина, кој суд ќе постапи по нив?!“ Истиот оној за којшто знаеме дека е под силно политичко влијание? Не би рекла“, додава таа.
Во интервју есенва Јанева вети дека ќе испорача обвиненија веќе на почетокот на следната година. Нејзиниот полн мандат е 4 години.
Различни страни од политичкиот спектрум гледаат различно на Катица Јанева.
Поддржувачите на владејачката партија, најчесто преку медиумите кои ги контролираат, ја нарекуваат арогантна и алчна затоа што побарала буџет од 1,2 милиони долари за последните три месеци од 2015 година. Истите медиуми ја обвинуваат дека работи за опозицијата.
Одредени блогери кои што ја поддржуваат опозицијата и важат за нејзини гласови во јавноста и замеруваат дека била избрана за шеф на гевгелиското обвинителство во време на владеење на ВМРО ДПМНЕ.
Дел од експертската јавност, пак, е критична во однос на недостатокот на професионално искуство во сферата на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Во семејството Матевски, пак, надежта е уште жива.
„Мене ми се допаѓа што е ново лице, што не е корумпирана, барем не засега. Ми се допаѓа што не ја познаваме и, се разбира, тоа што е жена“, вели Милка.
Јанева неделава почна со работа по многу сопки. Минатата недела нејзниот тим даде заклетва пред Советот на обвинители по многу недели минати во опструкции.
Првата работа која ја направи е испратеното барање до Државниот јавен обвинител Марко Зврлески за достава на сите материјали кои тој ги поседува, а се поврзани со работата којашто таа треба да ја врши. Медиумите се нетрпеливи да слушнат повеќе, иако вчера ги пречекаа затворени врати пред нивните канцеларии – очигледно, според информациите Јанева и тимот се уште не се вселени бидејќи канцелариите не се технички спремни.
Сепак, нејзината работа е важна. Резултатите на Јанева ќе покажат дали Македонија има капацитет да изгради силни и независни институции и еднаш засекогаш да започне да ги имплементира принципите на владеење на правото.
Засега, неа ја прати надежта која ја чуваат дел од граѓаните, како Милка Матевска.
„Како викаат, надежта е слепа, ама правдата не треба да биде“, вели Милка која еа една од оние 33 проценти кои веруваат дека Јанева ќе ја заврши својата работа независно и без притисоци.
Сторијата е продуцирана во соработка помеѓу НОВА и нејзината партнер организација OCCRP (Мрежата за известување за криминал и корупција
Анализата е поддржана од НЕД во рамки на проектот “ Промовирање на аналитичкото и истражувачкото новинарство во рамки на реформите во делот на владеењето на правото”