Со порака за оставка на премиерот, СДСМ вели Никола Груевски и Никола Тодоров ги интересираат само тендери, коишто донесоа апарати што се веќе расипани или стојат во кутии.
– Катастрофалните политики на Груевски и Тодоров ги бркаат лекарите надвор од државата. Во колапсот на здравствениот систем: умираат пациенти, се пука во лекари, болниците се руина. За Груевски и Тодоров поголеми се тендерските потреби од потребата за безбедно мајчинство и здрави и живи бебиња, се вели во соопштението на Социјалдемократскиот сојуз.
Оттаму велат Тодоров и Груевски се должни да и одговорнат на јавноста во Македонија, дали огромната смртност на новороденчиња е резултат на тоа што во последните 4 години Тодоров и Груевски постојано го крателе буџетот за програмата безбедно мајчинство?
-Дали Груевски и Тодоров дури и парите на граѓаните што ги оставиле за програмата безбедно мајчинство, сепак ги пренаменувале за други потреби? Кои биле тие потреби на Тодоров и Груевски? Никола Тодоров молчи за податокот дека најголема смртност на новороденчиња има во Дојран, над 30 на 1 000 живородени.Тодоров и Груевски молчат за фрапантните податоци дека смртноста на новороденчињата во Македонија е 14 на 1.000 живородени бебиња, се вели понатаму во соопштението на партијата која потенцира дека во Македонија, според официјална студија, умираат три пати повеќе новороденчиња од просекот на земјите од Балканот и ЕУ.




