– Нашите безбедносни сили имаат уставно право и обврска да ја чуваат и штитат границата и тоа многу успешно го работат, како што и хумано се однесуваат кон мигрантите. Хуманоста и безбедноста не се двојат, тие одат заедно, изјави попладнево во Гевгелија министерот за здравство, Никола Тодоров во функција на раководител на Управувачкиот комитет за менаџирање со бегалците.
Неговата изјава е во врска со денешниот инцидентот, кога мигранти од грчка територија на македонско- грчката граница фрлаа со камења кон макеоднските полицајци и припадници на АРМ кои ја поставуват жичаната ограда на ова место.
– Со поставување ограда на јужната граница со Грција денеска почна операционализацијата на заклучоците на Националниот совет за безбедност за преземање техничко-тактички мерки за насочување на протокот на бегалците кон контролните пунктови заради нивна регистрација и хуман третман во земјава. Со активностите што ги почнавме денеска ние им помагаме на мигрантите, но и на Европа подобро да се организира и канализира и во различни форми да се стеснува и организира рутата низ која минуваат низ нашата земја, заради зголемување на безбедноста наша, но и на мигрантите и да се минимизираат безбедносните ризици, изјави Тодоров.
Управувачкиот комитет за менаџирање со бегалци денеска имаше состанок во Гевгелија, на кој присуствуваа и министерот за одбрана Зоран Јолевски и заменик министерот за внатрешни работи Митко Чавков.
Тодоров по состанокот изјави дека „границата останува отворена и понатаму и дека денеска протокот на мигранти од подрачјата со воени дејства (Сирија, Авганистан и Ирак) бил вообичаен и течел без проблеми од нивното доаѓање во кампот до ниво заминување кон север“.




