Состојбата со загадувањето на воздухот не е променета, таа е повеќе од алармантна. На овој проблем укажуваме со години и бараме од надлежните да преземат конкретни мерки за негово решавање, потенцираше денеска пред медиумите, Пеце Мирчески, претседател на Комисијата за животна средина и просторно планирање при СДСМ.
Повикувајќи се на податоците од Светска Банка, како што рече Мирчески, во Македонија годишно има 1.350 смртни случаи предизвикани од болести на дишните патишта поради штетните и канцерогени честички во загадениот воздух.
– И после сите фрапантни податоци за бројот на смртни случаи како резултат на загадениот воздух, власта на Никола Груевски ниту реализира, ниту има во план ефикасни мерки за спречување на загадувањето. Колку и да сака да ја оттргне од себе вината за екстремно загадениот воздух, тоа нема да и успее. Граѓаните знаат дека загадувањето е последица на погрешните политики на власта на централно и на локално ниво, изјави тој.
Тој потенцираше дека премиерот Груевски потроши 630 милиони евра за споменици а проблемот со загадувањето и понатаму не е и приоритет на власта.
– Причините зошто се задушуваат граѓаните, наместо да дишат, е тоа што нема инвестиции за заштита на животната средина, не е спроведена гасификација, се намали еколошкиот стандард при увоз на стари моторни возила, но и лошото урбанистичко планирање, непочитувањето на стандардите за градење, уништените зелени површини, исечените дрвја, надополни првиот човек на Комисија за животна средина при СДСМ.
Според него, власта со тоа што поттикнувала неплански градби, ја спречила можноста за природна аерација и струење на воздухот а заради финансиски интереси дозволила уништување на зелените површини и нивно претворање во бетонски зданија.
– Ако на сето ова ги додадеме и индустриските капацитети, но и употребата на јаглен, дрва, нафта за затоплување, доаѓаме до постојната ситуација, а тоа е концентрации на ПМ10 честичките зголемени за 10 до 15 пати повеќе од максимално дозволените, надополни Мирчески.
То ја повика држава и локалните власти дека е итно да се преземат мерки за граѓаните да почувствуваат намалување на загадувањето, како што вели денес, а не по десет години.
– Бараме парите од непродуктивните “инвестиции“ како панорамското тркало или ЛЕД екраните веднаш да се пренаменат во субвенции за намалување на загадувањето, на пример субвнеционирање на јавниот превоз, посочи Пеце Мирчески од СДСМ.




