Грчките полициски сили се обидуваат да направат коридор за да ги пропуштат бегалците од Сирија, Иран и Авганистан, но мигрантите го блокирале влезот и не дозволуваат никој да помине. Тие фрлаат со камења по грчките специјални полициски сили извикуваат на англиски јазик „Отворете ја вратата“, како и на персиски јазик. Во моментот ситуацијата на границата со Грција е многу тензична, потврдија за НОВА од невладиниот сектор кои се наоѓаат на терен.
„Околу 3о- до 40 разбеснети мигранти го блокираа влезот и фрлаат со камења по грчките специјални полициски сили кои беа утринава распоредени на границата. Грчките полицајци се обидуваат да направат коридор за да ги спроведат бегалците на кои што им е дозволен влез, но мигрантите на кои не име дозволено тоа ја држат вратата заглавена“, потврди за НОВА еден од преведувачите кој се наоѓа на лице место.
Македонската полиција е подготвена со целокупна борбена опрема, но само немо гледа што се случува на грчка страна.
Претходно, од УНХЦР јавија дека утринава грчки специјални полициски сили се распоредени на границата за да ги спречат нередите кои избија од страна на мигрантите кои не се пропуштаат да влезат во земјата. Тие сега својот бес го фрлаат на бегалците кои доаѓаат од земјите зафатени со војна, а на кои единствено им беше дозволен влез.
„Специјални полициски сили се распоредени од грчка страна за да превенираат немири, заради протестот на мигрантите и заради безбедноста на бегалците кои доаѓаат од Сирија, Иран и Авганистан. За да влезат во Македонија, значи за да ја поминат границата тие треба да пројдат низ разлутената маса од мигранти, а тоа не е безбедно“, објаснуваат за НОВА во УНХЦР.
Повеќе од 3.000 мигранти се блокирани кај импровизираниот камп кај Идомени, во Грција. Меѓу нив е хаос, има нереди и меѓусебни тепачки.