Електронските здравствени картички веќе се изработуваат во Македонија и тоа го прави фирмата Индицум ДОЕЛ од Скопје. Ова за НОВА го потврдија во хрватската фирма „АДК“ од Загреб, чија фирма ќерка е „Индициум“, но до граѓаните досега не стигнала ниту една е-картичка.
Од „АКД“ велат дека не станува збор за изработка на нови картички туку само за вметнување на лични податоци во залихите на картичките кои се во сопственост на Министерството за здравство.
„АКД“ е хрватската фирма која ги изработува електронските картички од самиот почеток, но ја прекина соработката, бидејќи Министерството за здравство не се придржувало кон договорот, односно не ги исплаќало редовно ратите.
„Станува збор за вметнување на лични податоци во залихите на картички кои се во сопственост на Министерството за здравство на Македонија во кои е вклучена испораката, согласно барањата на оваа институција. АКД не ги изработува е-картичките, туку тоа го прави нашата фирма Индициум ДОЕЛ во Скопје. Не постои тендер, ниту интерен договор, туку тоа е обврска од претходниот договор и се однесува исклучиво во делот на вметнување на личните податоци на граѓаните, односно персонализација“, потврдија за НОВА од хрватската фирма.
НОВА дознава дека 118.000 граѓани повеќе од една година чекаат да добијат е-картички и за нив имаат уплатено по 250 денари. Тоа е сума од околу 400.000 евра. Некои од граѓаните кои се јавија во редакцијата на НОВА, објаснија дека чекаат уште од самиот почеток од 2011 година.
Во ваква ситуација, збунувачки е зошто воопшто има застој во испораката на е-картичките, односно зошто граѓаните не можат да ги добијат, ако фирмата ги изработува и тоа според барањата на Фондот и Министерството кои имале залиха од картички.
Нејасно е зошто Фондот и Министерството не ја зголемат динамиката, односно зошто не им ги даваат катричките на граѓаните кога имаат залиха од истите. Надлежите уште во јуни најавија дека е во тек тендер, кој сега излегува дека не постои, а други детали не се соопштуваат.
Министерството и Фондот за здравство веќе подолго време кријат што се случува со наводниот тендер кој го најавија уште на почетокот на годината. Нема одговор ниту на прашањата на НОВА кога граѓаните ќе ги добијат овие документи за кои ФЗОМ поставуваше рокови за уплата.
Единствен одговор е дека „Фондот заедно со Министерството за здравство интензивно работи на решавање на проблемот со е-картички“.
Од друга страна пак од фирмата „АКД“ тврдат дека е-картичките ги персонализираат согласно со динамиката и потребите на институцијата.
„Е-картичките сукцесивно ги испорачуваме според пристигнатите барања на ФЗОМ. Тие се персонализираат според динамиката и потребите на оваа институција“ велат од АКД.
НОВА од свои извори во Фондот дознава дека е-картичките кои веќе се персонализираат треба да бидат готови до крајот на годината, за предизборно да им бидат дадени на граѓаните.
Никој од вработените не знае кој и каде ги изработува, само тесен круг на луѓе знаат за што всушност се работи, велат нашите извори.
НОВА побара одговор во Министерството за здравство, дали е точно дека хрватската фирма „АКД“ ги изработува Е-картичките, но нема одговор на прашањата, иако поминаа десетина дена, што е спротивно на Законот за слободен пристап на информации.
За разлика од Министерството за здравство, одговорот од хрватската фирма стигна за само еден ден.
Како што беше на почеток соопштено, за време на пилот -проектот во 2010.та година кога беше министер Бујар Османи, картичките се со рок на траење од три, односно пет години и нивната цена требаше да биде 170 денари.
Подоцна со доаѓањето на Тодоров за министер, цената се зголеми на 250 денари по осигуреник. Тоа значи дека по истекување на рокот (на секоја картичка има ден, месец и година кога е издадена), картичките стануваат неупотребливи.
Првите пробни е-картички беа издадени во 2010-2011, а најголемиот дел од картичките беа испорачани во 2013-2014 година.
„По истекот на рокот на овие картички планот на Министерството е да се распише нов тендер, а е-картичките граѓаните треба повторно да ги плаќаат“, велат нашите извори.
Она што треба да се потенцира, е дека првично со најавата на проектот беше предвидено картичките да бидат бесплатни, а за целиот проект имаше обезбедено 7, 5 милиони евра.
Министерството за здравство сепак одлучи електронските картички граѓаните сами да си ги купуваат. Од парите на граѓаните за оваа намена се собраа од 7 до 8 милиони евра.
До ден денешен стотици илјади граѓани се уште ги немаат добиено картичките иако ги уплатиле.