Студентскиот пленум и Младинската организација Мугра денеска ја прекинаа блокадата на Ректоратот на УКИМ, со тоа што на Сенатот му дадоа ултиматум до четврток да свика состанок на којшто тие ќе образложат, зошто сметаат дека Факултетот за физичка култура и ФИНКИ не треба да се градат во Кампусот на УКИМ.
Истовремено, тие го повикаа на одговорност за ректорот Велимир Стојковски поради, како што велат, нецелосно транспарентно водење на постапката за градење на факултетите.
Студентскиот пленум и Мугра денеска повторно потенцираа дека се свесни за неповолните услови во кои студираат нивните колеги од ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, но прашуваат: Зошто на ваков начин се води постапката за градба на овие факултети, кога во претходните години предвидени се неколку други локации за ФИНКИ и ФФК, во Карпош и во Центар. Токму поради нетранспарентноста на овој процес и овие проекти, според нив, се отвора прашање, дали можеби претходно предвидените земјишта ќе се користат за приватни цели?
Тие и денеска ги повторија своите барања , кои ги образложија вчера, и рекоа дека ќе ги достават до Ректоратот.