Пишува: Бранимир Јовановиќ
Тезата дека високиот раст на вработените во третиот квартал на 2015 е фиктивен, се потврдува со податоците за БДП кои беа објавени вчера.
Потсетување. Пред некој ден Државниот завод за статистика ги објави податоците за вработеноста. Бројот на вработени во третиот квартал е зголемен за 11802 лица. Две третини од растот е заради трговијата, каде има 7618 нови вработувања.
Од вчерашните податоци за БДП, може да се види дека активноста во трговијата во третиот квартал всушност има реален пад во однос на вториот квартал, од 2.4% (од 19323 милиони денари, на 18864).
Како е можно да има толкав пораст на вработувањата во трговијата, кога има пад на активноста? Што се случува?
Едноставно е – луѓе кои работеле во трговијата, а не биле регистрирани, сега почнуваат да се регистрираат, заради ослободувањето од придонеси кое се овозможува со „Македонија вработува“.
Ова убаво се гледа во овој труд за нерегистрираната економија во Македонија. Таму, на страна 16, може да се види дека ако придонесите се намалат за 1 процентен поен, нерегистрираната економија би се намалила за околу 0.03 милијарда денари. Или, ако дојде до ослободување од придонесите, нерегистрираната економија би се намалила за 0.81 милијарда денари.
На страна 25 може да се види дека се потребни отприлика 8816 работници за да произведат 1 милијарда денари. Или, овие 0.81 милијарда денари економска активност вработуваат отприлика 7141 работници. Значи, со ослободувањето од придонесите, 7141 работници би се префрлиле во регистрираниот сектор. Скоро исто колку што е порастот на вработените во трговијата во третиот квартал.
Овојпат морам да се согласам со Владата. Да, вработеноста расте главно заради „Македонија вработува“. Но, за жал, овој пораст е само на хартија.