Фондот за здравство ги бара личните податоци и телефонските броеви на граѓаните од матичните лекари во државата. Лекари кои се обратија во редакцијата на НОВА велат дека секојдневно праќаат податоци преку електронските дневници, со шифри на дијагнози, со кодови од рецепти, така што во Фондот знаат се за пациентите.
Но, не само основните лични податоци и за тоа од што боледуваат, туку сега од Фондот ги бараат и телефонските броеви од пациентите, велат лекарски извори за НОВА.
„Бараат телефонски броеви на хроничните болни, а потоа им се јавуваат на пациентите за да ги прашаат дали се задоволни од здравството. Сето тоа е во рамките на проектот„Владата се грижи за хроничните болни“, но на ваков начин се вознемируваат луѓето. Доколку се толку загрижени за нив, зошто тогаш пациентите со дијабетес мора да чекаат три месеци за преглед за да им се обнови инсулинот“, велат за НОВА матични лекари кои во страв од казни, не сакаа да им бидат објавени имињата и ординациите.
Лекарите сметаат дека ваквата политика на Фондот се коси со Законот за заштита на лични податоци, а дека зад ова стои нешто поголемо, а не грижата за здравјето на граѓаните.
„Се напипува пулсот на граѓаните и на една голема категорија болни, хроничните, дали се задоволни од здравството. Всушност индиректно се врши проценка предизборно, кој за кого ќе гласа, според тоа кој, колку е задоволен. Во Фондот во моментот се слеваат сите податоци на граѓаните и тоа не е во ред. Пациентите се многу револтирани и реагираат до нас. Некои велат дека ниту сопружниците не им ја знаат дијагнозата, а вработените во Фондот ја знаат“ потенцираат лекари за НОВА.
Граѓаните велат дека знаат да се грижат за своето здравје со низата проекти за хроничните болни, за превентивата, а и со постојаната комуникација со нивните лекари.
„Мојата сестра крие од сопругот дека боледува од една болест, не сака да го оптоварува со тоа. Од Фондот и се јавија да ја распрашуваат, што создаде една непријатна ситуација дома. Со кое право го прават, тоа?“, праша една млада скопјанка револтирана од начинот на кој Фондот дошол до податоците и нивното јавување на телефон.
Пациентите се сомневаат дека зад грижата за нивното здравје се крие предизборен маркетинг или едноставно ги анкетираат за попрецизно да го проценат расположението на граѓаните кон која партија се наклонети.
Од Фондот за здравство велат со овој проект ФЗОМ се грижи за хронично болните и истиот е во согласност со законската рамка за заштита на лични податоци.
„Проектот е во согласност со стратегијата на Фондот и проектите на Владата за превенција и одговорност кон сопственото здравје. Токму затоа се јавуваат тимови од Фондот да потсетат дека треба да се направат прегледи и исто така не помалку важно, да се почитуваат препораките од лекарите. Да потсетите некого дека со еден преглед може да си го спаси сопствениот живот сметаме дека е обврска која како здравствени власти треба да ја преземеме и спроведеме“, се вели во одговорот на Фондот за здравство.
Од друга страна, додека во ФЗОМ велат дека се грижат за здравјето на пациентите, најтешко болните тие што имаат рак, останаа без цитостатици и во очај мора да пијат потоксични лекови или пак да чекаат надлежните да се смилуваат, да набават на реверс од веледрогериите. Во последната година континуирано има недостиг од одредени типови инсулин заради што болните од дијабетес се принудени да ја менуваат терапијата.