Неколку стотина граѓани во Скопје денеска се одзваа на повикот на невладините организации и повеќе граѓански иницијативи за енормното загадување на воздухот.
Сепак како што напоменаа нивните претставници, алармантно е што надлежните институции иако повеќепати повикани да преземат краткорочни и долгорочни мерки, едноставно ги игнорираат апелите.
Протестот кој започна на пладне, се одвиваше пред канцеларијата на градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, во Градски парк, каде собраните скопјани му порачаа дека мора веднаш да се запре со дрвосечата во Скопје, јавниот превоз во овој период да биде субвенциониран, бесплатен, да се забрани возењето на возилата кои се без повисоки еко-стандарди, да се проверат сите филтри во фабриките во Скопје и веднаш да почне гасификацијата на главниот град.
Активистите апелираа до граѓаните на следните протести, за кои тие најавија дека постојано ќе се случуваат доколку надлежните не излезат во пресрет, да присуствуваат во масовен број, бидејќи ова е проблем кој не познава политичка партија, туку се работи за здравјето на секој.
Организаторите на денешниот протест за здрав воздух, велат протестите ќе продолжат како во Скопје така и во другите градови во Македонија во кои воздухот е најзагаден, а помеѓу нив Тетово, Кавадарци, Битола, Кичево и други.
Тие потенцираа дека настанот е граѓанска иницијатива која се оградува од политичка партија.