Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, денеска пред медиумите го претстави Отчетот за сработеното во 2015 година во кој ги наброја дел од како што вели тој, позначајните проекти завршени во оваа година.
Помеѓу нив меѓу другото, Трајановски ги наброја конструкцијата на најголемиот кружен тек во Скопје кај Порта Влае, проширувањето на булеварот „Теодосиј Гологанов“, проширувањето на улицата „Јордан Мијалков“, проширување на улицата „Цветан Димов“, поставувањето на нов асфалт на булеварот „Јане Сандански“ и други.
Како што информираше првиот човек на главниот град, 2015 година е помеѓу најуспешните финансиски години на градот.
Покрај завршените објекти, тој зборуваше и за плановите во 2016 година, во која помеѓу останатите започнати проекти се планира и завршување на „Партизански Одреди“ кај Ѓорче Петров, започнување на кружен тек на „8.Септември“, ќе се градат и фекални и атмосферски канализации.
Одговарајќи на новинарско прашање, кој е отчетот на градоначалникот во однос на загадувањето на воздухот како и плановите за во 2016 година, Трајановски рече дека за следната година во рамки на ингеренциите на градот, планираат садење на 10.000 дрвја најмалку.
– Градот Скопје во оваа година засади 9.500 дрвја по булеварите, парковите и блоковското зеленило. Ќе продолжиме со уште најмалку 10.000 дрвја во следната година, ќе отвориме нови паркови и зеленила и предвидено е прскање со калциум-магнезиум ацетат, а учествуваме активно во Комитетот за здравје при Владата, рече Трајановски.
Прашан доколку загадувањето продолжува, дали градот ќе предложи продолжување на распустот за учениците, Коце Трајановски вели градот Скопје нема ингеренции да донесе таква одлука, туку само може да даде таков предлог.
– Доколку повеќе од пет дена продолжи високото загадување, заедно со градоначалниците на општините од Скопје ќе предложиме соодветна мерка до надлежното министерство, дополни градоначалникот на Скопје.