„Збогум Никола“ стана еден од најславните хаштази на социјалните мрежи и неизбежна порака на речиси сите протести кои ја обележаа минатата година. Стана и крешендо во речиси секој политички говор на опозицијата, нема кој не го спомна.
Па така, на престојните избори опозицијата реши „Збогум Никола“ да го претвори во политички капитал. Посакаа да направат веб страна.
Но работите се изјаловија…па едно обично регистрирање на интернет домен се претвори во политичка драма на неделата. СДСМ обвинија дека побарале да си го купат доменот zbogumnikola.mk, Регистраторот им рекол може, за потоа да стаса одговор – не може, веќе е зафатен.
Чиј е доменот? Колку сопственици промени во два дена пред Божиќ? Според регистраторот беше извесен Новаков, а НОВА тргна во потрага по Новаков.
Населбата Речани ја чинат ниви, бавчи и по некоја фарма. Според податоците на МАрнет, овде е адресата на Новаков, човекот кој решил да го купи политички најпосакуваниот домен во земјава. НОВА го побара семејството за да разговара која е идејата за купување на тој домен.
Фамилијата Новакови, како што раскажуваат нивните соседи и најблиските, работат со фарма за кокошки. Но, некои од соседите и роднините почнаа да ја отплеткуваат мистеријата – еден од членовите на семејството, Новак Новаков, работи токму во МАРнет, институцијата која пак демантира дека работат за нечиј партиски интерес.
Новакови не беа достапни на фармата во Речани, меѓутоа се упативме на друга адреса во центарот на градот Велес, каде што се обидовме да разговараме со Новак за да потврди или негира дали тој е закупецот на доменот.
Сепак, и покрај тоа што го побаравме на неговото работно место во МАРнет, тој одбива да контактира со НОВА.
Но мистеријата со доменот се продлабочи. Новакови се чини и не го процениле за голема инвестиција, па решаваат да го продадат на извесна фирма „Соле Пром“. „Соле Пром“ го купува доменот на 4 јануари, а веќе на 5-ти и тие се откажале, па „Збогум Никола“ добива нов газда – Ванчо Петрушевски од скопското село Добри Дол во општина Сопиште.
Не го најдоме ниту Ванчо, ниту пак видовме човек да се движи низ селото. Сепак, тој одговори на нашиот телефонски повик. Одби да зборува пред камера но потврди дека доменот е негов.
„Го купив оти така сакав. Сакав да го имам и мој си е. Немам намера да го продавам на друг во иднина“, изјави Петрушевски дополнувајќи дека тој работи на Интернет но дека воопшто не било важно во која сфера на интернетот.
СДСМ мораа да се задоволат со zbogumnikola.com а јавноста ќе мора да се задоволи со отсуството на одговoри – од MAРнет, од Новак, од Ванчо…