Сириски опозициски активисти соопштија дека владините сили „повторно употребиле хемиско оружје против бунтовниците“ и тоа врз воена база во местото Андра во околината на Дамаск, при што се убиени две лица, а 23 се повредени.
Тие тврдат дека лекарите го опишувале „употребеното хемиско оружје“ како фосфор, кој го оштетува нервниот систем и доведува во бесознание.
– Двете жртви биле многу блиску до истреланите ракети и веднаш починале. Останатите се лекуваат со атропин, изјави Мохамед ад Думани, активист од соседниот град Доума, каде што се пренесени повредените.
Засега нема потврда од независен извор за овој напад, кој се случи само една недела откако 26 луѓе загинаа во близина на градот Алепо при напад со ракета за која и двете страни меѓусебно се обвинуваа и тврдеа дека е со хемиско полнење.