Хелсиншкиот Комитет за човекови права ќе го прифати барањето од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов, за членство во Комисијата за помилување, откако денеска на своја адреса барањето го добиле и официјално, информира за НОВА Уранија Пировска, извршна директорка на Комитетот.
Како што вели таа, тие сметаат дека со еден нивни член во Комисијата, ќе придонесат за повисоко ниво на независност, објективност и транспарентност при одлуката за помилување на затвореници.
– Последните одлуки на претседателот отворија сомнеж во непристрасноста, а кај затворениците има голем револт. Истражувањата велат дека помеѓу помилуваните има и луѓе со многу тешки кривични дела, вели Пировска, дополнувајќи дека мора да се интервенира и во законот кој ја овозможува амнестијата со сегашните одредби.
Меѓу другото, според ХК, зачудува и големиот број помилувања кои ги даде Иванов.
Реакцијата на Иванов за проширување на Комисијата од 8 членови на 9, доаѓа по информациите дека на листата на помилувани осуденици на претседателот Ѓорге Иванов се нашле и убијци, силувачи и педофили, нешто што неговиот Кабинет пак, го отфрли.
Иванов за новогодишните празници помилува 174 осуденици, што е рекорден број до сега.
Предлозите минуваат низ три филтри пред да пристигнат во Кабинетот на Претстедателот, а тој ги одобрува помилувањата.