Тројцата европратеници кои беа во дводневна посета на Македонија велат дека на претставниците на политичките партии им порачале дека нема веќе време за трошење и итно треба да се имплементира Договорот од Пржино и реформите кои произлчегуваат од него.
Тие велат дека ова е приоритет број еден за да се надмине политичката криза.
– Целосната посветеност и фокусот на сите партии во преостанатите прашања од Договорот се исклучително важни. Затоа ги охрабривме партиите да дејствуваат многу брзо за да го подготват Избирачкиот список преку договорена методологија за навремени теренски проверки и да направат сигурни чекори за да се обезбеди слободата на медиумите. Ги повикавме партиите да ги искористат разговорите со Европскиот Парламент и еврокомесарот за да осигураат имплементирање на решението за сите отворени прашања, велат во заедничката изјава Вајгл, Ховит и Кукан.
Тие повториле дека мора да и се даде целосна поддршка на Специјалната обвинителка за да ја спроведе својата работа. Европратениците изразија загриженост за пробиените рокови и за како што велат некои назадувачки чекори во однос на забелешките во Извештајот на Прибе и побараа целосна посветеност на работните групи, вклучувајќи го и изборниот период.
Тие најавија дека очекуваат ЕП да биде присутен за време на изборите како натамошен показател за нивната посветеност и солидаризирање со македонските граѓани.
Во своето излагање, европратеникот и известувач за Македонија Иво Вајгл порача дека е многу важно земјава да се држи на својот европски пат, а политичарите да се држат до договорот. Според него, Македонија многу се сменила од неговото прво доаѓање овде до денес.
Тој нагласи дека слободата на медиумите не е во најдобра состојба и дека е потребна поголема транспарентност, а може многу да се направи за подобрување на ситуацијата, бидејќи нивната улога во демократијата е клучна.
Поранешниот известувач за Македонија Ричард Ховит пак, рече дека оваа недела во земјава ќе се забележи меѓународен дипломатски притисок и секој претставник од меѓународната заедница ќе ја носи истата порака – спроведувањето на Пржинскиот договор.
Надоврзувајќи се на Вајгл, Ховит порача дека во однос на медиумите, покрај долгорочните, потребни се и краткорочни мерки.