Министерството за здравство постапило по барањето од родителите на 32 годишниот битолчанец Игор Петрески кои бараат ревизија на болеста на нивниот син кој две години е во психијатриската болница во Демир Хисар.
Од Министерството тврдат дека медицинската документација ја испратиле во Лекарската комора која формирала Комисија. „Добиеното барање со прилози од медицинска документација е испратено до Лекарската комора на Македонија, која формираше комисија за стручен надзор и во тек е испитување на случајот“, велат од Министерството за здравство.
Но, скоро една година од кога е доставено барањето Комисијата составена од лекари, се уште не го завршила случајот. „Формирана е Комисија, но постапката оди бавно бидејќи станува збор за многу опсежен предмет, со обемна документација во кој се инволвирани повеќе институции. Постапката е се уште во тек, а по завршувањето Извештајот ќе биде испратен во Министерството за здравство“, изјавија за НОВА од Лекарската комора.
Случајот со 32 годишниот битолчанец, Игор Петрески кој се наоѓа во психијатриската болница Бардовци, што го објави НОВА, ја потресе македонската јавност.
фото: Игор Петрески
Овој млад човек, осум години е низ лавиринтите на здравствениот систем, а лекарите го лекуваат со различни дијагнози.
Неговата мајка во НОВА ја донесе медицинската документација од каде се гледа дека Игор има тумор на хипофизата, пие огромни количини на вода на ден и има силни главоболки. Последните две години Игор е сместен во психијатриската болница во Демир Хисар, каде што освен што е третиран со психотици, како што тврди неговата мајка Славица , тој бил врзуван со синџири и каиши и тепан од пациенти.
„Никој досега не излегол да каже од што боледува нашиот син, постојано го лекуваат со различни дијагнози. Не кажуваат дали може да се оперира туморот на хипофизата, тој само шета горе-долу, пие по 9 литри вода на ден, има силни болки. Имам документи од кои се гледа од колку до колку часот е врзуван со синџири и каиши, а лузните по нозете и рацете го покажуваат тоа. Тој ми вели дека во затвор ќе поминел подобро отколку во болницата“, изјави во ПРОЦЕС, неговата мајка Славица.
Семејството Петрески побарале ревизија на начинот на лекувањето на нивниот син. Тие велат дека има пропусти во лекувањето и бараат Игор да се дијагностицира во странство доколку лекарите не можат тоа да го направат во Македонија. За случајот се заинтересира и Хелсиншкиот комитет за човекови права кои најавија дека ќе го испитаат случајот.
Целата емисија на Процес посветена на овој случај може да ја погледнете тука.