Не се пропуштаат бегалците од кампот во Идомени во Грција, јавуваат грчките медиуми. Информацијата за НОВА ја потврдија и од Црвениот крст на Македонија.
Блокадата продолжува и денеска, не се пропуштаат ниту бегалците од Иран, Авганистан и Сирија. Оние што ќе успеат да се пробијат, без проблем ја минуваат грчко-македонската граница и не се задржуваат во камповите во државата туку веднаш ја напуштаат Македонија.
Во Црвениот крст велат дека на ниво на ЕУ е договорено неколку дена да не се пропуштаат бегалци поради голем дефект во железничкиот сообраќај во Словенија.
„Словенија замоли да се намали протокот на бегалци, односно државите да ги задржат во камповите неколку дена, за да не останат заглавени на студот“, изјави за НОВА, Сузана Тунева од Црвениот крст на Македонија.
Грчките медиуми јавуваат дека на дваесеттина километри од Идомени, кај бензиската станица во близина на Поликастро во Грција има застој со десеттина автобуси полни со бегалци.
Вчера и Хрватска, и Србија и Македонија добиле известување од „Словенски железници“ дека имаат дефект на пругата и да не се испраќаат возовите со бегалците додека не го решат проблемот.
Во невладиниот сектор пак, велат дека неофицијално се претпоставува дека ова е еден вид проба за она што може да се очекува од 1.ви март, кога и Германија и Австрија и Словенија планираат да ги засилат мерките на границите и да го намалат бројот на бегалци кои транзитираат кон земјите на ЕУ,.
„Доколку се затвори границата и се засилат мерките, ќе процвета шверцот со луѓе. Тоа ќе значи небезбедност за државата, а многу граѓани ќе завршат во затвор поради превозот со приватни возила“, изјави за НОВА, Јасмин Реџепи од невладината Легис.
Откако беше забранет влезот за економските мигранти, тие влегуваат без проблем на дивите премини каде што ги чекаат возила со шверцери, а често и ги ограбуваат, потврдуваат во невладиниот сектор.