На границата со Грција се уште има повремени кратки затварања и мали застои кога полицијата се повлекува, по што бегалците се пропуштаат да влезат во Македонија, информираат за НОВА од Невладината Легис. Тоа создава поголем наплив на бегалци кои влегуваат во нашата држава. Само во текот на вчерашниот ден во Македонија влегле 2500 бегалци, но колкав е бројот на економските мигранти што поминуваат нелегално, на тие што не им е дозволен влез, никој не знае да каже.
Границата ја обезбедуваат специјални полициски сили од Србија, Хрватска , Словенија и Унгарија. Од невладините организации потенцираат дека унгарските полицајци се честопати груби со бегалците поради што интервенира ОБСЕ.
Бегалците од Сирија, Иран и Авганистан се принудени, премрзнати, на студот по 12 часа да го чекаат возот кој го обезбедува Македонски железници, објаснуваат од невладините организации. За превозот бегалците плаќаат билет кој чини 1500 денари.
„Проблем е превозот, вчера на пример бегалците го чекаа возот 12 часа, дојде во 18 часот, а другиот воз пристигна дури утринава. Греењето во камповите и понатаму е многу слабо, нема кревети на кои ќе можат да одморат, туку клупи“, изјави за НОВА Мерсиха Смаиловиќ од Легис.
Откако беше забранет влезот за мигрантите од другите држави, во Македонија повторно започна да цвета шверцот со луѓе. Мигрантите наоѓаат начини и влегуваат на диви премини во државата, каде ги чекаат криумчарите кои често ги пљачкаат. МВР секој ден открива по некој ваков случај, а мигрантите завршуваат во Центарот во Гази Баба се додека не бидат повикани како сведоци во истражната постапка на суд.
Минатата недела Словенија побара да не се пропуштаат бегалците од кампот во Идомени, наводно поради дефект во железничкиот сообраќај таму, а вчера тоа го побарале од Србија со образложение дека немаат греење во кампот. Невладините организации бараат објаснување зошто се прават блокади на границата и која е политиката на ЕУ во однос на оваа проблематика за Македонија и регионот.