Со лепливи ленти на устите и транспаренти, преку протестен перформанс, жените Ромки го искажаа својот револт бидејќи Министерството за здравство не успеа да ангажира матичен гинеколог во населбата Шуто Оризари.
„Една родилка и две починати новороденчиња во 2015 та година“, „Зошто“? „Шуто Оризари без матичен гинеколог“, Само, 5,6 проценти од жените се посетени од патронажата во текот на бременоста“ „Зошто?“„Инститиуциите не најдоа трајно решени за незаконските наплати од гинеколозите“, „Мерките на Министерството не стигнуваат до нас“, ова се дел од транспарантите со кои од Иницијативата го потсетија министерот Тодоров дека околу 8000 жени во репродуктивен период од Шуто Оризари се уште немаат матичен гинеколог.
„По серијата наши барања и средби со институциите, како и низата ветувања добиени од страна на ресорното Министерство за здравство, ве информираме дека жените во Шуто Оризари, сепак не добија матичен гинеколог. Времените мерки, воведени во 2014, а ревидирани во ноември 2015 според кои беше предвидено гинеколог да доаѓа еднаш неделно, а од неодамна три пати, се покажаа како неефективни и незадоволителни“, изјави Салија Бекир Халим од Инцијатива на жените од Шуто Оризари.
Од Иницијативата потенцираа дека предизвиците со кои се соочуваат жените во репродуктивен период од општината се огромни. Непостоењето на матичен гинеколог повлекува и лоша здравствена заштита, немање пристап до редовни, навремени и неопходни прегледи и услуги, сериозно го ставаат под ризик здравјето на жените, но и на мајките и бебињата.
„Затоа бараме одговори, но и одговорност и мерки имплементирани во пракса, од Министерот за здравство, но и градоначалникот на општина Шуто Оризари. Отворено прашуваме кои се следните чекори и што ќе се преземе доколку не се пријави матичен гинеколог до крај на јануари и покрај најавената финансиска стимулација?
Кога општината ќе го исполни своето ветување да учествува со финансиски средства со цел дополнително да стимулира отворање на ординација на матичен гинеколог во Шуто Оризари?
Како ќе се реши проблемот со недоволниот број на патронажни сестри кои требаше да ги посетат жените Ромки барем двапати во текот на бременоста, кога резултатите од терен покажуваат дека само 5,6% ја добиле оваа услуга, и тоа само еднаш?
Кои се механизмите и на кој начин ќе се обезбеди реализацијата на бесплатни гинеколошки и микробиолошки прегледи, како и бесплатно породување, без разлика на имањето здравствено осигурување, за бремените жени?
Конечно прашуваме: Што ќе направи министерот за 2016 година за сите најавени мерки од хартија и од прес конференцијата, за да ние ги добиеме и во реалноста? Многу ветувања, сè уште никаков ефект!
Жените чекаат, Шуто Оризари е сè уште без матичен гинеколог! “, порачаа од Иницијативата на жените во Шуто Оризари.