Двајца таксисти се повредени, а состојбата е тензична, откако од пред половина час таксистите повторно ја блокираа пругата кај Гевгелија. Тие се револтирани бидејќи Македонски железници, но и институциите го прекршиле договорот и возот повторно сообраќа и превезува бегалци преку ден.
Според информациите од терен, еден таксист е повреден од туркањето во гужвата, а еден бил тепан од специјалните полициски сили, при што интервенирала и брзата помош.
На видеото што го објави НОВА , може да се види како таксистите и специјалните полициски сили се кошкаат гради во гради, се слуша викање и негодување.
„Моментално врие од специјалци и подготвени се удрат на нас бидејќи ја блокиравме пругата. Овде е многу тензично“, велат за НОВА, такси превозници од Гевгелија.
Според договорот во наредните десет ден требаше да се види како ќе функционира одлуката, таксистите да ги превезуваат бегалците преку ден, а навечер да сообраќа по еден воз. Вчера оваа пракса се почитувала, но утринава бегалците повторно се носат со возови. Таксистите за НОВА велат дека Единците за брзи интервенции се на терен и само што не дошло до судир со таксистите.
Дознавме дека на ваквата одлука реагирале од Македонски железници. Борбата за профит од бегалската криза ги скара Македонски железници и таксистите. Додека возовите сообраќаат преполнети со бегалци, во нехумани услови, таксистите бараат и тие да имаат можност да ги превезуваат на подостоинствен начин.
Во Македонски железници еден билет до Табановце го наплаќаат по 1500 денари. Бегалците често пати се жалат дека не добиваат фискална сметка од кондуктерите и дека билет им наплаќаат и на инвалидите и на бремените жени кои стојат или седат по подовите.