Врие пред штабот на ВМРО ДПМНЕ во Кичево. Граѓани од Кичево за НОВА велат дека за време на денешната посета на премиерот Никола Груевски, пред штабот се собрале стотина граѓани незадоволни поради победата на ДУИ во општината.
Премиерот бил исвиркан пред штабот во Кичево, по што влегол и останал внатре во просториите на партијата.
Иако на социјалните мрежи жители на Кичево пишуваат за свирежите упатени кон премиерот, портпаролот на владата, Александар Ѓеоргиев, демантира дека премиерот е исвиркан.
Корисник на Твитер од Кичево информира дека во Кичево навистина нешто се случувало, а целиот центар на градот бил блокиран.
„Цел центар е блокиран, има обезбедување, полиција, а пред штабот има куп народ”, вели жителка на Кичево за НОВА.
И покрај сведоштвата дека полиција навистина има, портпаролот на МВР, Иво Котевски, во разговор со НОВА тврди дека полицијата нема сознанија за таков настан во Кичево.