Еден од сведоците во судскиот процес за „Диво Насеље“ денес рече дека полицијата пет часа ги малтретирала. Никој не смеел да излегува, а некои од постарите луѓе, како последица на траумите починале, пренесува Фокус.
– Бевме опколени и никој не знаеше што точно се случува. Бевме физички малтретирани, па и не тепаа, изјавила пред судот Артизана Фејзулаи, чиј татко е еден од обвинетите во случајот.
Сведокот тврдеше дека ниту еден член на нивното семејство не пукал кон полицијата и дека сите кои биле во моментот на акцијата дома биле заспани.
На прашањето на обвинителството зошто ако биле повредени не заминале на лекар, сведокот одговорил дека полицијата прво предолго ги држела, а потоа имале смртен случај во семејството од полициските трауми.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски неодамна во интервју за НОВА истакна дека многу е важно да има темелна истрага за овој случај која ќе даде одговори на сите дилеми во јавноста.
– Навистина постои дилема кој се е вмешан во овој скандал. Ние во 2001 година не дозволивме да се случи било каков вооружен напад или инцидент во Куманово, а минатата година, благодарение на граѓаните овој настан не доби поголеми размери. Започната е истрагата која треба да даде многу одговори на прашања и дилеми, мора да имаме темелна истрага, изјави тогаш Спасовски.
Како што потенцираше тој најважно е да се утврдат фактите а не било чии очекувања, и тоа факти кои ќе дадат одговор, што се случи во акцијата во Куманово и зошто се случи таа акција.




