Околу 5. 000 бегалци повеќето од Сирија и Ирак се заглавени на грчко македонската граница во транзитниот центар во Идомени. Најголемиот број од нив се жени и деца. Во апелот кој го испратија во НОВА, тие бараат помош од македонската Влада да ги пушти да поминат низ државата, бидејќи како што велат ситуацијата е многу тешка.
„ Ние сме бегалци, повеќето од нас од Ирак и Сирија околу 5.000 сме на број, најмногу жени и деца. Заглавени сме на грчко-македонската граница. Ситуацијата е многу лоша. Резервите од хуманитарна помош се при крај и не се доволни, а условите се многу лоши. Ја молиме македонската Влада да преземе мерки и да не спаси од хуманитарна катастрофа“ се вели во пораката која ја испратија до НОВА.
Од УНХЦР во Грција потврдија дека ситуацијата е катастрофална. Според Стела Нану од УНХЦР во Грција , кампот веќе е преполнет, повеќе нема место , а нови и нови бегалци постојано доаѓаат.
„Повеќето се жени и деца без придружба, самохрани мајки, ранливи категории, болни и инвалиди. Резервите во храна и хигиенски пакети се трошат бидејќи постојано доаѓаат нови бегалци, а капацитетот во Центарот е исполнет“, изјави за НОВА Стела Нану.
Од денес бројот на бегалци што дневно ќе можат да поминат граница е ограничен на 580. Полициите на Словенија, Австрија, на Македонија, Србија и на Хрватска се договорија да го ограничат протокот на бегалците за да се зголеми контролата.
Од УНХЦР во Македонија го повторија ставот дека државите се обврзани со меѓународни и домашни закони да ги почитуваат правата на луѓето, дека не смее да се предизвикува поголемо страдање на сметка на луѓето кои бегаат од своите огништа и кршење на човековите права.