Денеска во 10 часот продолжи судењето за настаните во кумановската населба „Диво Насеље“ од март минатата година.
Во Кривичниот суд во Скопје ова ќе биде петто рочиште. Сведоците, кои ќе сведочат денеска, исто како и сведоците од минатото рочиште, се лица од локалното население во Кумановско. Според најавите, пред судот треба да сведочат пет лица.
На последното рочиште беа сослушани сопругата и ќерката на обвинетиот Фадиљ Фејзулахи и една жена која живее во кумановската Дива Населба.
Поради просторните проблеми со кои се соочува Кривичниот суд, медиумите и понатаму ќе ги следат рочиштата преку видеоврска од библиотеката на Судот.
Оттаму потенцираат дека судењето е отворено за јавноста, но поради просторните проблеми, роднините на обвинетите не можат да влезат на судењето.
Во ноември минатата година Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против 29 лица за кривични дела „терористичка организација” и „тероризам”, за настаните од 9 мај во кумановската населба „Диво Насеље“ минатата година кога беа убиени 8 припадници на полициските единици, а 37 беа повредени, додека во акцијата беа убиени и 10 припадници на вооружената група.




