Според информациите на Министерството за внатрешни работи Никола Младенов починал на самото место на сообраќајната несреќа вчера на 27 март, точното време на несреќата не се соопштува.
Несреќата се случила на автопатот Велес-Скопје, на клучката „Хиподром“ кога возилото „мерцедес“, управувано од 49-годишниот Никола Младенов удрило во металната ограда, а потоа излетало од патот и се превртело.
Извршен е увид на местото на настанот, а по наредба на Истражен судија телото на починатиот е дадено за обдукција.
Според првичните информации од обдукцијата на телото на новинарот Никола Младенов, причина за смртта е силниот удар со градите во воланот.
Од страна на полицијата на новинарските екипи не им беше дозволен пристап до местото на несреќата.
Последен поздрав до новинарот и еден од доајените на македонското независно новинарство семејството, пријателите и колегите ќе можат да упатат во 13:30 часот во капелата на градските гробишта “Бутел”. Погребот ќе се одржи во 14:30 часот.
Никола Младенов беше новинар, сопственик на дневниот и неделниот Фокус, еден од највлијателните и најпочитуваните новинари и поборник за слобода на медиумите и критичното новинарство. Младенов беше еден од најголемите критичари на работата на секоја власт.