Што значи да се биде нормален, да се биде човек во оваа, во која било земја? Првото што ми доаѓа на памет е најважното- да се има срам, барем малку, барем трошка. Да се чувствува вина, дури и кога директно не сте направиле злосторство, но сте сведоци на бруталност, насилство, дури и колективно затупување, игнорирање. Особено на оние што се отфрлени и немоќни, исмеани како безвредни, на маргините и во калта. Особено тие се важни за да се претвори тој наш срам во некој облик на бунт, на акција, да се промени барем едно камче во таа колективна хистерија на отфрлање на се што се нарекува ненормално, или како обично велат- она што не е наше, она што е се, но не сме ние.
Еден таков срам ме одведе и на доделувањето на наградите на најуспешните уметници-Албанци, Златна мравка- Милингона Е Арте. Одбивав да одам низ годините, мојот драг колега и пријател Назим Рашиди упорно ме покануваше, се повеќе инсистираше колку што не сакав да одам.
Тој не знаеше за срамот заради кој ги фрлав поканите, ниту пак дозна за истиот тој срам со кој, рака под рака, отидов оваа година на Златна мравка. Со истиот срам ги земав слушалките кога влегов, како што ме облеа срам кога ме пречека со тие слушалки љубезна девојка и ми кажа дека ме чека за да ми ги даде, за да слушнам и разберам- се што мора да се знае.
Што повеќе да се каже околу срамот, мојот личен и уште како да не е доволен, па и оној колективниот: не се потрудивме се запознаеме, да се дознаеме, да живееме заедно, како ништо да не било, како да сме нормални, а не сме, не во вакво лудило. Сами се раѓаме, живееме осамено едни покрај други и не знаеме дека заедно умираме.
Никого не познавам, ниту пак сум чула некогаш за тие луѓе, за тие врвни уметници, барем нешто, барем да се присетам на името, на делото, на нивниот лик, барем некој обрис да знам, како во магла да ме следи. Ништо од тоа. Како да не се тоа моите луѓе, уметноста на мојата земја и конечно, мојот вистински идентитет. Ако ме направиле некаков човек, во тоа придонес секако дека имаат тие, во мојот и нивниот идентитет вплеткале прсти сите оние други врвни уметници чие име таа вечер и секоја друга вечер јас не ги знам. Никогаш нема да бидеме подобри луѓе без нив, без нивниот јазик, култура и милоста со која сето тоа ни го подаруваат.
Минатата година награда за таа топлина и милост доби Мирјана Малеска, оваа година тоа беше Златко Ориѓански. Тој кажа дека ова му е прва награда после Венецискиот Лав и ништо повеќе не требаше да каже.
Тоа е таа приказна за идентитетот, кој можеби најдобро го оценува Амин Малуф, нарекувајќи го убиствен. Да се инсистира само на националноста е погубно и бесмислено, на сите оние крстови и орли, џамии и цркви во кои се молиме не да не утешат, туку да не амнестираат од игнорирањето дека ќе сме станале некакви луѓе ако признаеме дека секој атом, секое парче од кожата дише благодарејќи на другите, поинаквите. Таа припадност на само една нација, на само еден народ е само делче од идентитетот во кој сме вложиле или сме уништиле, зависи само од нас. Но, барем да се знаевме.
Во такви околности на срам, неприпаѓање и болка околу тој идентитет, понекогаш е неопходно и да се умре. Мора некако да се остави трага, да се покаже суровоста на општеството, кога сте различен, кога сте Албанец, Турчин, Ром, а не сте Македонец, кога сте хомосексуалец, а не сте стрејт, кога сте трансџендер, кога се обидувате да го смените полот, за да ви донесе нов ден, тогаш кога ноќта е најдобра да се заврши со таа болка дека сте поинаков.
Тоа се тие околности во кои заврши со животот Лора Фер, трансродова активистка, моја роднина. Веројатно ова е вистинската посвета за неа, од нејзините пријатели и колеги од ХОПС:
“Придонесот на ова сјајна личност, допрва ќе се брои во борбата за еднаквост и право на избор на свој начин на живот, односно потрага по добриот начин на живот. Дополнително, субверзивните и субкултурните архиви на македонското општество, ќе го паметат името на Лора”.
Да се помине цел еден живот, не може да се стори повеќе од Лора.
Тој срам- да не можеме да бидеме со различните од нас, да не успееме да сфатиме дека тие се нашиот идентитет, тоа е нашата судбина, која како крст ќе ја носиме низ целиот живот. И ништо не може од тоа што сме сториле и не сме сториле, да отиде во заборав, ниту пак времето да го однесе. Да се биде различен, тоа е најдоброто што може да се има, нели?