Кандидатот за градоначалник на општина Центар од коалицијата „Сојуз за иднината“, Андреј Жерновски денеска обвини дека во избирачкиот список за Центар фигурирале граѓани од неколку македонски градови и општини.
„На избирачкиот список, според досега ревидираните податоци, биле уфрлени пет лица од Гази Баба, десет од Кавадарци, две лица од Ѓорче Петров, три од Кисела Вода, потоа од Бутел, Драчево, Чашка и Аеродром. Во изборниот список овие лица биле со исто место на живеење на неколку локации низ општина Центар“, изјави Жерновски на улицата „Максим Горки“ во близина на еден од становите кој, како што посочи, е наведен во избирачкиот список како живеалиште на околу 60-тина граѓани.
Жерновски додаде дека имало и фиктивни гласачи од источна Албанија од кои на шеесетина им стоело истото место на живеење во општина Центар.
Најави дека за ова ќе бидат информирани надлежните институции и оти ќе побара и средба со министерката за внатрешни работи на која ќе ги достави списоците.
„Ние мораме да имаме одговор од Mинистерството на кој начин овие луѓе се вметнати во избирачкиот список и додека не го добиеме тој одговор, ќе биде залудно да се надеваме дека ќе бидат отстранети“, рече Жерновски.