Бегалците кои вчера илегално поминаа од Грција во Македонија преку Сува Река, се враќаат во Идомени, потврдува портпаролот на УНХЦР, Бабар Балок за НОВА.
Тој вели условите во Идомени се ужасни, врнежите продолжуваат а се повеќе се создава кал. Во ваква средина во моментов се заглавени околу 10.000 бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан, а помеѓу нив и многу жени и деца.
Бегалците кои вчера успеале да стапнат на македонско тло но беа вратени од македонските безбедносни служби, во Идомени се враќале доцна вечерта и во раните утринските часови. Не биле транспортирани туку се враќале пеш.
– Тие губат надеж со секој изминат ден бидејќи се заглавени, не сакаат да се вратат во своите земји а не им е дозволено да продолжат напред, вели Балок.
Грчката полиција потврди дека во текот на вчерашниот ден биле разделувани летоци за илегален премин кон Македонија, во кои се вели „грчко-македонската граница е и ќе остане затворена, дека нема возови и автобуси кои ќе ги превезуваат луѓето кон Германија, а можно е оние кои се останати во Грција, да бидат крајно пренесени во Турција“.
Не се знае од кого потекнуваат летоците и кои ги делел помеѓу бегалците кои се во очај да стигнат до Австрија или Германија.
При вчерашната ситуација на илегален бран под името „Маршот на надежта“ кон гевгелиското село Моин, како што соопшти македонската полиција влегле и 72 странски новинари.
На нив им се издадени платни налози за илегално преминување на државната граница, по што во текот на вчерашниот ден беа и вратени во Грција.