ДИК го прифати и третиот приговор од ВМРО – ДПМНЕ што значи на три гласачки места во Струмица ќе има прегласување на 7 април.
Станува збор за избирачките места со број 1727, 1730 и 1734 со вкупно евидентирани гласачи 3.255.
Вкупниот број гласачи на овие три избирачки места изнесува 3.255 и со тоа процентот од излезени гласачи на кандидатот на „Сојузот за иднината“ Зоран Заев, според службите на ДИК, би паднал на 42,66 отсто. Ова значи дека во Струмица би можело да има прегласување на овие избирачки места од првиот круг на гласањето.
Дали ќе има прегласување во Струмица официјално ќе се знае во понеделник кога ќе поминат сите рокови за жалби и одлучување од страна на Управниот суд доколку до него жалба поднесе коалицијата „Сојуз за иднината“ за одлуките на ДИК.
На денешната седница на ДИК приговорите од ВМРО – ДПМНЕ беа прифатен со 4:3 гласа, а покрај членовите на ДИК од ВМРО – ДПМНЕ „за“ гласаше и членот од ДПА, Бедредин Ибраими.
ВИДЕО: Атмосферата на седницата на ДИК се вжешти кога претседателот Борис Кондарко побара на седницата да се обрати претседателот на општинската изборна комисија од Струмица.
Инаку, законскиот рок од 48 часа на ДИК заврши синоќа во 19 часот, а членовите на Комисијата ја прекинаа седницата рано изутрината во три часот.
ДИК на денешното продолжение на седницата ќе одлучува за приговорите на НДП за Гостивар, на ДУИ за Шуто Оризари и за приговорите на ДПА за Чаир.
Вчера делумно беше прифатен еден приговор од СДСМ за Охрид што не влијае врз резултатите од гласањето.