Поради затворањето на Балканската рута и очајната безизлезност во која се наоѓаат, двајца Сиријци се самозапалиле во знак на протест во Идомени, потврдува за НОВА портпаролот на УНХЦР, Бабар Балок.
Тие се префрлени во болница но засега, Балок вели, немаат официјална информација за нивното здравје. Како што потенцира тој, треба да се надеваме дека во иднина нема да се случат слични работи, но дека не треба да не изненадат ваквите потези бидејќи луѓето се во очај.
– Поголема група на бегалци одржа протест на железничките пруги и најавуваа штрајк со глад за да алармираат за нивната состојба. Потоа бевме известени дека двајца од нив се самозапалиле изразувајќи револт и дека се префрлени во болница, тажно е, изјави Бабар Балок.
Опишувајќи ја ситуацијата на терен, портпаролот на УНХЦР вели околу 12.000 луѓе кои се наоѓаат на грчко-македонската граница, како одминува времето се се понервозни, се погневни, тонат во очај и ја губат надежта дека ќе си ги повратат животите.
Условите во Идомени се мизерни и покрај тоа што од УНХЦР велат, делат храна, разни намирници и медицинска помош. Калта предизвикана од поројните дождови ја снемува, но со сонцето доаѓаат и уште поголеми предизвици таму.
Балок објаснува дека бегалците не се префрлени во соодветни кампови, а затворањето на Балканската рута допринела само за уште поголем психолошки притисок кај бегалците.