Претседателот Ѓорѓе Иванов реагира дека тврдењата на специјалната обвинителка Катица Јанева се без почит и тенденциозни, откако Јанева денеска на прес-конференција рече дека претставници во институциите меѓу кои и Иванов се нелигитимни.
Во писмената реакција од Кабинетот на Претседателот, се вели дека таа треба да покаже минимално ниво на култура и почит кон институцијата Претседател, и одговорност кон функцијата што ѝ е дадена.
Во однос на изнесените ставови од специјалната јавна обвинителка, Кабинетот на македонскиот претседател и посочува на Јанева пред да соопштува во јавноста какви било заклучоци во однос на легитимитетот на Претседателот добро да се информира која година се одржаа претседателските избори.
– Ја потсетуваме Јанева дека својот втор мандат претседателот Иванов го почна во 2014 година, а не во 2013, 2012 или 2011 како што таа изјави, односно неговиот избор за Претседател на Република Македонија нема никаква врска со периодот од кога датираат наводните разговори врз основа на кои Специјалното јавно обвинителство ги покренува обвиненијата, се наведува во реакцијата од Кабинетот на Иванов.
Од Кабинетот на Иванов дополнуваат дека со денешната изјава Јанева го оспорила и сопствениот легитимитет бидејќи е избрана токму од нелегитимното Собрание на Република Македонија за какво што тврди дека е, а сопствениот легитимитет го црпи од Законот за Специјалното обвинителство што е прогласен со указ потпишан од исто така, според нејзините тврдења, нелегитимниот Претседател.




