Во Министерството за здравство не знаат дека хрватското обвинителство води истрага против докторката Милица Икономова која работи во дежурниот педијатарски пункт во „Јане Сандански“.
Таква информација немале ниту кога истото Министерство ја ангажирало во јуни минатата година да работи во дежурната служба. Но, министерот Никола Тодоров рече дека можат дополнително преку меѓународна правна помош да побараат информација од хрватските власти.
„За нас како Министерство сите доктори се еднакви. Ако е доктор и специјалист, не можеме да го деградираме или фаворизираме. Ако се утврди дека треба да се земе лиценцата се раскинува договорот, ако има направено фалсификати ќе си одговара и за тоа се оди во затвор. Ние тоа ќе го провериме, ако постапката е завршена ќе си го провериме тоа, ако е во тек треба да се има во предвид пресумпцијата на невиност, имајте го тоа во обзир, немојте да ги осудувате луѓето пред време“, изјави министерот Тодоров.
Тој нагласи дека за Министерството за здравство е важно докторите да имаат диплома, специјализација и лиценца, а одговор треба да побараме од тие што и ја дале дипломата и лиценцата за работа на спорната докторка, односно Медицинскиот факултет и Лекарската комора.
„Гледам цело време алудирате на нестручност. Ако постои нестручност треба да се прашате кој ја пуштил да положи, кој и дал специјализација, кој ја пуштил да стане доктор. Ние како Министерство се грижиме системот да функционира, ако има недостиг на педијатри сите да ги ставиме во функција. А, како некој станал доктор и педијатар тоа е работа на Медицинскиот факултет и Лекарската комора, тоа треба нив да ги прашате“, рече Тодоров.
Сепак, дежурниот педијатарски пункт во поликлиниката „Јане Сандански“ е проект на Министерството за здравство и таму морале да знаат кого вработуваат, дали за некого се води истрага или друга постапка.
Министерот Тодоров не одговори зошто оваа дежурна служба не ја врши својата функција бидејќи децата за време на викендите постојано се препрепраќаат на Клиниката за детски болести или во болницата во Козле. Одговорот се сведе на тоа дека лекарите од детската клиника имаат сомневање во нејзината стручност.
„Нека се организираат нека проверат кој и дал да заврши Медицински факултет, кој и дал специјализација, нека се јават во Лекарска комора од каде што добила лиценца за работа, нека поведат постапка да и се одземе лиценцата“, рече Тодоров..
Во Хрватска 5000 мајки кои се породиле во болницата во Сисак, потпишаа петиција против докторката, ја обвинуваа за несовесно лекување, дека на новороденчињата и бебињата им измислува болести и ги праќа на непотребни дополнителни испитувања, измислувала дијагнози на бебињата, доенчињата ги одвојувала од мајки и ги ставала на вештачка исхрана, ги навредувала мајките, ги фалсификувала документите. Трауматичните искуства мајките ги споделија на националната телевизија и во останатите хрватски медиуми.
Од Министерството за здравство на Хрватска потврдија дека поради основано сомнение за наводно фалсификување и допишување на податоци во медицинската документација од страна на Милица Икономова во хрватското обвинителство е оформен предмет кој е поднесен на 24 ноември 2014 година за понатамошно постапување. Истиот период таа заминала од Хрватска и поднела барање за продолжување на лиценцата за работа од Лекарската комора на РМ, која ја добила и се вработила во Македонија, преку проектот на Министерството за здравство кое и ја плаќа.
Икономова која е пред пензија била вработена на определено време како педијатар во дежурниот пункт во „Јане Сандански“ во јуни минатата година.
Кога денеска ја контактиравме таа не можеше да се сети како се вработила, дали аплицирала на конкурс, но во текот на утрешниот ден најави дека ќе одговори на прашањата на НОВА , на кои чекаме два дена.
За еден месец доктор Икономова треба да замине во пензија. Во меѓувреме повеќе од 600 лекари кои не можеа да најдат вработување во државата си заминаа во странство, меѓу нив има млади лекари, но и многу специјалисти.