Претседателот Ѓорге Иванов побара од грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас да ја повлече изјава дека по одлуката за затворање на коридорот за бегалците Македонија ќе има последици за европските и евроатланските интеграции.
– Што може Грција повеќе да направи? Да не блокира уште 25 години како досега што не блокираше? Не е тоа начин на добрососедство и на односи меѓу народи кои живеат и се осудени да живеат заедно. Ниту можеме да ја смениме историјата, ниту можеме да ја смениме географијата, изјави Иванов во интервју за грчката телевизија Стра, на прашањето да ја коментира изјавата на шефот на грчката дипломатија.
Во однос на актуелната соработка со Грција, Иванов вели дека се уште недостасува меѓуинституционална соработка и доверба.
– Ние пропуштивме долг период поради неодговорноста на луѓе од вашата држава кон безбедносниот проблем, да превенираме многу такви случаи. И затоа ова е интервентно. За пофалба е реакцијата на вашиот Премиер, но зар требало да дојде Претседател на држава за да со вашиот Премиер решава проблеми во надлежност на полициите, истакна Иванов во интервјуто.
Шефот на македонската држава исто така тврди дека грчката страна одбила размена на безбедносни информации во контекст на бегалската криза и ја прекинала праксата на средби на групите за градење на мерките на доверба.




