Претседателот на судскиот совет Бранко Ушковски на денешниот прием на Денот на правосудството откако го прочита обраќањето до гостите, одби да одговара на прашања за огромните проблеми со кои се соочува судството и ги избрка новинарите, јавува Алсат М.
За критичарите на судската фела рече дека постапуваат под менторство на одредени центри на моќ.
„А, тоа е особено изразено преку правење на конструкции и инсинуации во судството. И кои, се разбира, им се наменети за дневно – политички потреби. За дефокусирање на јавноста и за разни други поводи и цели кои се насочени за намерно, за жал, уривање на целокупниот судски систем во кој очигледно истите и најдобро се снаоѓаат“, рече Ушковски.
Бранко Ушковски е еден од функциониерите кој се спомнуваат во бомбите на Зоран Заев.
За Ушковски разговараат Јанкулоска и Велјановски, кои го подготвуваат за прв човек на Советот затоа што доаѓа од општински комитет на ВМРО ДПМНЕ и дека нема соодветни квалификации за функцијата.
Бранко Ушковски на чело на Судскиот совет е една година. Тој тука дојде од Министерството за одбрана каде работеше како правник. Никогаш претходно не бил судија.