Државната изборна комисија не била на ниво на задачата на највисок изборен орган и не била доследна во донесувањето на одлуките, констатира невладината организација “Мост”, која го набљудуваше процесот на одлучување по приговорите за гласањето, како и утврдувањето на резултатите од гласањето поднесени до ДИК.
-МОСТ, исто така, нема да ги коментира поединечните одлуки и гласања на овој орган, со оглед на фактот што дел од нив беа донесени не земајќи ги во предвид одредбите во Изборниот законик, туку произлегоа од тесните политички интерес”, изјави Дарко Алексов, претседател на “Мост”
-При дискусиите по приговорите членовите на ДИК наместо да се држат до предметот на расправа често пати држеа политички говори и застапуваа политички ставови што е недозволиво за ваков орган.
Покрај анализата за работата на ДИК, од “Мост” фрлаат сомнеж и во однос на бројот на пријавените болни и изнемоштени гласачи. Бројката од 13.323 регистрирани болни гласачи според “Мост” е рекордна, а доказите кои треба да потврдат дека лицето е навистина тешко болно и неподвижно се нејасни.
-Болно и немоќно лице е лице кое не е во можност да ги врши основните животни потреби и не е во можност да се движи во станот ниту со користење на соодветни помагала, да одржува лична хигиена, да се облекува, да зема храна, ниту да врши други дејства за задоволување на основните животни потреби. Нејасно е за каков доказ за здравствена состојба се работи, односно дали таков документ може да издаде матичен лекар, велат од “Мост”.
Како позитивен пример ја наведуваат општина Теарце. Имено, во првиот круг таму се пријавиле 49 болни и изнемоштени лица. Откако Општинската изборна комисија најавила проверка на терен, сите 49 лица ги повлекле своите пријави. “Мост” апелира и другите изборни комисии да се повикаат на ова искуство и да излезат на терен и да ја проверат фактичката состојба.