„Нема правда, нема мир“, „Оставка веднаш“ ечи пред Народната канцеларија на претседателот во центарот на Скопје. Илјадници демонстранти кои претходно изразија поддршка на Специјалното обвинителство, во моментов бараат Иванов да си поднесе оставка по одлуката колективно да помилува 56 лица меѓу кои високи поранешни и сегашни функционери од владејачката партија и оозицијата.
Демонстрантите со јајца, пластични шишиња и петарди фрлаат кон Канцеларијата, a запалени се фотографии од Иванов и искршени се неколку прозорци од канцеларијата, јавува репортерката Славица Филиповска.
Тие велат дека бараат сите кои сториле криминал да одговараат за своите дела, а Иванов да престане да ја опструира работата на Специјалното обвинителство кое отвори неколкуистраги за сериозни криминални дејствија.
На стотина метри од нив се наоѓа кордон од засилено полициско обезбедување. Причината е што во моментов и пред Собранието се одвива контрапротест на демонстранти повикани од сите градови, кои првично најавија дека ќе протестираат пред седиштето на СДСМ на Бихаќка. Читатели на НОВА кои инсистираа на анонимност велат дека владејачката партија организирала превоз за нив од повеќе градови.






