Трагите од кочење на товарно возило, кои возачите ги забележале утрото по несреќата кај клучката кај Хиподром, во која загина новинарот Никола Младенов, ја отвораат дилемата дали во сообраќајката учествувало уште едно возило, објавува Утрински весник.
Според весникот, неколку дена по трагедијата, се’ поверојатна е можноста дека Младенов воопшто не отишол во Велес и дека белешките од патарините се оригинал, а не фалсификат.
Неколкумина велешани кои со такси-возило патувале кон Скопје утрото по несреќата кај клучката ги забележале трагите од кочење на левата коловозна лента.
Патниците во такси-возилото велат дека не го забележале оштетувањето на банкината од десната страна, која буквално беше разнесена од силниот удар на возилото на Младенов, поради што и не претпоставиле дека токму на оваа делница десетина часа претходно се случила несреќа.
Сомнителни траги на камион на местото на несреќата
ЏПС-системот може за половина час да ги донесе клучните одговори во случајот со сообраќајната несреќа на новинарот Никола Младенов.
„Преку сигналот на мобилниот телефон лесно ќе се утврди каде се движел, со кого зборувал и дали во негова близина бил активиран друг мобилен приемник, односно дали со него во автомобилот било уште едно или повеќе лица. Министерството за внатрешни работи ја поседува таа опрема и нејасно е зошто не излезе во јавноста со овие информации“.
Ова се прашањата и дилемите што во разговор за „Утрински весник“ ги отвори поранешниот разузнавач Владимир Пивоваров.
(фото: Утрински весник)