Обилните врнежи од дожд кои го зголемија нивото на Охридското Езеро за 21 сантиметар, предизвикаа низа проблеми долж целото крајбрежје, јавува Ohrid News.
Почнувајќи од преплавениот колекторски систем кај селото Подмолје и населбата Далјан, па се до поплавените индивидуални куќи во Пештани.
Во ова охридско село, повеќе од еден месец подрумските простории во куќите се целосно под вода, а како што велат пештанци, проблемот се провлекува со децении.
„Овој проблем навистина ни се повторува. Тој за жал е предизвикан со изградбата на црнодримските хидроелектрани, со цел земјава да има електрична енергија. Факт е дека треба да има електрична енергија, но станува збор за акватичен еко систем од кој се зема вода за таа енергија. Проблемот настанува и лежи во нерегулираниот истек на водата од Охридското Езеро преку реката Црн Дрим“ – вели во изјава за Ohrid News професор д-р Здравко Крстаноски, долгогодишен научник во Хидробиолошкиот завод.
Од Центарот за управување со кризи, инфомираат дека нивото на Охридското Езерото во последните два дена е непроменато, односно изнесува 693,96 што претставува дваесет и еден сантиметар над максималната кота која се наоѓа на 693,75 метри надморска височина.