Минувајќи го автопатот Скопје – Велес – Скопје, заради реконструкција на патувањето на „мерцедесот“ пред да се случи сообраќајката кај Хиподром вечерта на 26 март, „Нова Македонија“ открива дека е многу веројатно Младенов вториот пат да се задржал барем 35 минути во Велес или некаде кај Велешко Езеро.
Дали имал средба со некого или, пак, бил сам, останува нејасно, пишува весникот „Нова Македонија“.
Екипа на „Нова Македонија“ вчера се обиде да направи реконструкција на патувањето на новинарот и сопственик на „Фокус“, Никола Младенов, поминувајќи ја делницата што тој двапати ја извозел пред кобната несреќа кај клучката Хиподром.
Реконструкцијата ја правевме, пишува весникот, земајќи предвид четири параметри: брзината на движењето на возилото, раздалеченоста меѓу патарините на релацијата Скопје – Велес и во обратен правец, времето за кое се стигнува од една до друга наплатна рампа и временската синхронизираност на фискалните апарати и евентуалното нивно отклонување од реалното време. Бидејќи е еден од главните моменти во истрагата, брзината на движење ние ја приспособивме на онаа што е пропишана од сообраќајните инженери на оваа делница и означена на сообраќајните знаци.
Се движевме во просек со брзина од околу 100 километри на час, земајќи предвид дека максималната дозволена брзина на автопатот е 120, а на одредени делови изнесува 80 километри на час.
Според бројките што ги добивме и заклучокот што сам по себе се наметнува, на еден дел од делницата за кој ги имаме фискалните сметки на „мерцедесот“, поточно меѓу патарините „Сопот“ и „Отовица“ на автопатот Скопје – Велес – Скопје од двете страни на Велешко Езеро, Младенов некаде се задржал повеќе од половина час. Можно е тоа да било во Велес или кај Велешко Езеро. Дали се сретнал со некого, засега е нејасно.