Со народни патриотски песни и ора вечерва започна собирот кој го организираше Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ).
Десетици илјади граѓани со организиран автобуски превоз од цела Македонија во 19 часот се собраа пред Собранието во Скопје. Граѓаните носеа испечатени листови на кои пишуваше “Избори на 5 јуни“, се вееја државното знаме и партиското на ВМРО ДПМНЕ, а на оградата висеа големи платна на кои имаше антиевропски пораки.
„Не во Нато“, „Амбасадорите ви се грди“, „Не во ЕУ“ и слично – ова беа белезите на собирот на ГДОМ.
Говорниците меѓу кои директорот на Театарот за деца и младинци Братислав Димитров, актерот Тони Михајловски, аналитичарот Александар Пандов воглавно порачуваа дека избори на 5 јуни мора да има, но се осврнуваа и на, според нив, осквернувањето на портата Македонија од страна на демонстрантите од движењето „Протестирам“.
„Нема да дозволиме оваа порта хулиганите да ја сквернават и на неа да се изживуваат. Тоа е знак на нашата победа, нашата пот македонска. Сега во ова време кога спортистите имаат секакви можности да тренираат, нови сали, спортски терени, базени…нема да дозволиме некој да ја руши Република Македонија и тука сме да ја браниме, рече кајакарот и олимпиец Атанас Николовски кој беше гостин на ГДОМ.
Говорите на повеќето говорници се стремеа да идентификуваа платеници и шпиони во редовите на граѓаните кои секој ден протестираат против власта, како и тоа дека тие ќе ја бранат Македонија од сето ова што се случува, а по секој говор толпата скандираше “Никола, Никола“.
Една од најострите пораки беше испратена од поранешниот пратеник Александар Пандов кој најави дека ГДОМ ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за привремена забрана на политички партии кои работат против Македонија, како и на граѓански здруженија и фондации.
„Тие кои во овој момент протестираат и урнисуваат, треба да знаа дека Македонецот има трпение, но знае и памти кој што прави во Македонија. Единствено нешто што треба да направат е да прифатат избори на 5 јуни. Како ГДОМ, ќе испратиме барање до Уставен суд да донесе одлука за времено запирање на работа на сите граѓански здруженија, фондации и политички партии кои во моментов ја рушат и ја урнисуваат Македонија“, рече тој.
„Овде сите се дојдени со сопствени возила, автобуси, со возови, нема странски регистрации, нема „Ајмо сада звиждаљке“, нема Грци, нема странци, овде се сите Македонци. За разлика од другата страна каде има странски платеници и домашни платеници“, рече Александар Даштевски од ГДОМ кој воедно е член на Комисијата за заштита од дискриминација.
На протестите беа присутни и високи функционери на ВМРО ДПМНЕ, како министерот за здравство Никола Тодоров и градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски, пратеникот Илија Димовски и други. Повеќето од нив во разговор со новинарите тврдеа дека немаат ништо со овој протест и оти „ова си го прави ГДОМ“.
На крајот собирот заврши со патриотски песни отпеани од фолк пејачката Сузана Спасовска, додека присутните продолжија со ора и песни. Патриотски песни отпеа и поп пејачката Андријана Јаневска.