– Јас не водам сметка за тоа кој што слави. Ние сме свесни дека на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година од страна на институциите на Алијанстаа беше прокламирано дека Република Македонија ги исполнува сите политички критериуми за полноправно членство, освен проблемот за разликите за името што го имаме. Во тој контекст се очекува надминување на тој проблем и поканата за членство да може да се упати за Република Македонија.
Вака одговори министерот за одбрана Талат Џафери денеска на новинарско прашање дали Република Македонија има причина да слави со оглед на тоа дека во Грција се слави 5 години од Самитот на НАТО во Букурешт кога не добивме покана за членство.
– Во тој контекст останува заложбата на претставникот на ОН за средбите кои ги најави со претставниците на Македонија и на Грција да ги интензивираат разговорите и во таа насока ние сите се надеваме дека двете држави ќе изнајдат соодветно прифатливо решение за двете страни за да може да се надмине и последната пречка за да можеме да станеме полноправна членка на НАТО, изјави министерот Џафери денеска по одбележувањето на 64 годишнината од формирањето на Алијансата во Домот на АРМ во Скопје.
Очекувањата за тоа дали ќе ја добиеме заслужената покана за членство на мини Самитот на НАТО што треба да се одржи во јули, смета Џафери, зависат од разговорите за изнаоѓањето решение за надминување на прашањето за името.